Родителите го искажаа револтот на крајот од денешното рочиште, додека и тие и адвокатите се движеа кон своите автомобили. Ситуацијата бурно ја надгледуваше полицијата, чии екипи во голем број беа присутни околу и во судницата во „Идризово“
Дел од родителите на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ вербално „нападнаа“ неколкумина од адвокатите од Кочани што бранат обвинети во постапката. „За колку пари се продадовте“, „Повторно ги убивате нашите деца“, „Осум месеци нè убивате“ – извикуваа родителите на дел загинатите во „Пулс“.

Родителите го искажаа револтот на крајот од денешното рочиште, додека и тие и адвокатите се движеа кон своите автомобили. Ситуацијата бурно ја надгледуваше полицијата, чии екипи во голем број беа присутни околу и во судницата во Идризово. За среќа, сè остана на вербални напади и не се случи посериозен инцидент. Додека родителите на висок тон се обраќаа на еден од адвокатите, тој им велеше:
„Законот е таков, мора да имаат бранител.“
За револтот кон адвокатите од Кочани пред почетокот на рочиштето во изјава за медиумите зборуваше Јулија Златкова, мајка на Томас Златков, кој загина во пожарот во „Пулс“.
„Јасно ми е дека по закон обвинетите мораат да имаат бранители, меѓутоа чудно ми е што има многу бранители на обвинетите од Кочани. Дали немате малку совест и чувство на емпатија кога ќе нè погледнете нас, семејствата на убиените деца, колку тагуваме по нив или немате чувство на емпатија дека убија ваши сограѓани? Барајќи ја правдата за нашите убиени деца учиме дека во Кочани живееле многу корумпирани луѓе“,
рече Златкова.
