Причината за тоа е што дел од обвинетите го немаат добиено интегрираното обвинение и не може да се произнесат за вина, ниту, пак, нивните адвокати да дадат воведни зборови. Дополнителна причина за одложувањето на утрешното рочиште е тоа што за дел од оштетените не се доставени имиња и адреси на нивните застапници, односно адвокати
Судијката Диана Груевска-Илиевска, која претседава со Судечкиот совет во судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, го отповика рочиштето закажано за утре и следното го закажа на 2 декември.

Причината за тоа е што дел од обвинетите го немаат добиено интегрираното обвинение и не може да се произнесат за вина, ниту, пак, нивните адвокати да дадат воведни зборови. Претходно, судијката кажа дека обвинението ќе биде доставено до нив, по можност уште денеска, но оти ќе немаат време да се запознаат со него до утре. Дополнителна причина за одложувањето на рочиштето што беше закажано за утре е тоа што за дел од оштетените не се доставени имиња и адреси на нивните законски застапници, односно адвокати.
Инаку, судијката повеќе од половина час денеска ги нотираше имињата на правните застапници на оштетените кои денеска беа присутни во судницата во „Идризово“. Посебно се нотираа адвокатите што ги застапуваат повредените и оние што се застапници на семејствата на загинатите. Сите се изјаснија дека се приклучуваат на кривичниот прогон на Обвинителството и дека ќе бараат оштетно побарување во граѓанска постапка.
„Со оглед на тоа дека сите од денеска присутните ополномоштени законски застапници дадоа изјава по однос на оштетното побарување и начинот на негово остварување, како и за кривичниот прогон, Судот во овој момент ќе ја прекине постапката, но воедно ја отповикува главната расправа за 26 ноември со оглед дека треба да се повикаат законските застапници на останатите оштетени, а и од причини што интегрираното обвинение треба да се достави до обвинетите и до дел од правните застапници“,
рече судијката Груевска-Илиевска.
Претходно, дел од бранителите на обвинетите изнесоа приговори на интегрираното обвинение, наведувајќи дека станува збор за нов обвинителен акт, а не само за спојување на две обвиненија. Дел од нив приговараа и дека доказите што им се доставени од Обвинителството се хаотични, односно не се нумерирани и нема совпаѓање со материјалите од листата на докази и она што им е доставено на уесбе.
