На изминатото рочиште, застапникот на обвинението, Борче Јанев, во воведните зборови нагласи дека се бара одговорност по име и презиме за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не ја спречил трагедијата

Во судницата во затворот во Идризово денеска продолжува судењето за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. На ова рочиште се очекува одбраната да ги даде своите воведни зборови и обвинетите да се произнесат дали се чувствуваат виновни.
На обвинителна клупа седнаа вкупно 37 обвинети – 34 физички и три правни лица, меѓу кои сопственикот на „Пулс“, управители, инспектори, поранешни градоначалници и државни службеници.
На изминатото рочиште, застапникот на обвинението, Борче Јанев, во воведните зборови нагласи дека се бара одговорност по име и презиме за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не ја спречил трагедијата.
„Не е важно само кој го запалил огнот, важно е кој имал кофа вода и не ја истурил“,
рече Јанев.
Тој посочи дека катастрофата не е резултат само на употреба на пиротехника за време на настапот на групата ДНК, туку на години институционален молк, пропусти и недостиг од контрола, кои го претвориле клубот во „смртоносна стапица“.
Според Обвинителството, трагедијата е директна последица на системска негрижа и игнорирање на безбедносните закани: т.н. кабаре функционирало без противпожарен систем, со затворени прозорци, лесно запаливи и токсични материјали и со само еден излез за евакуација.
Критичната ноќ бил дозволен влез на над 600 гости, меѓу кои и деца, што е многу над дозволениот број.
Покрај главниот процес, Обвинителството води и посебни постапки против полицајци кои се сомничат за тешки дела против општата сигурност како соизвршители, бидејќи со пропусти во текот на повеќе од една деценија дозволувале дискотеката да работи без исполнети безбедносни услови.
Минатата недела Обвинителството соопшти дека е поведена постапка и против вработени во УЈП кои се сомничат за мито и злоупотреби поврзани со истиот случај. Се истражува дали тие имале улога во прикривање или во олеснување на незаконското работење на објектот.
Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки, а го води судијката Диана Груевска-Илиевска, која најави дека ќе бара висока дисциплина од сите странки и ќе го санкционира секое непотребно одлагање на процесот.
