Дел од медиумите пренесуваат дека во акцијата се уапсени 11 лица – службеници, вработени и раководни лица од Управата за јавни приходи (УЈП) и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ)

Полициски службеници утринава влегоа во просториите на Управата за јавни приходи (УЈП) во Штип, при што, според првичните информации, е приведен поранешен раководител на УЈП, пренесува МИА.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) потврдуваат дека станува збор за акција која се спроведува на територијата на цела држава.
„Полициски службеници од СВР Штип, ОВР Кочани во соработка со Одделот за криминалистичка полиција по насоки на ОЈО Кочани преземаат повеќе активности на неколку локации низ државата. По завршувањето на акцијата јавноста ќе биде соодветно известена“,
соопштија од МВР.
Засега од МВР нема повеќе детали околу акцијата и за бројот на инволвирани лица. Дополнителни информации од надлежните институции се очекуваат по завршувањето на полициската акција.
Дел од медиумите пренесуваат дека во акцијата се уапсени 11 лица – службеници, вработени и раководни лица од Управата за јавни приходи (УЈП) и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Лицата, како што се пишува, се опфатени со проширената истрага поврзана со пожарот и работењето на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, каде животот го загубија 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.
