Според последниот извештај од УХМР, до 19 часот вечерва, најмногу дожд има наврнато во Крушево – 21 литар на квадратен метар. Во Маврови Анови се наврнати 19 литри, во Претор има 16 литри на квадратен метар, а во Пожаране 14 литри

Зголемување на водостоите на реките и ризик од нивно излевање има во повеќе делови од земјата.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) утринава предупредија дека останува висок водостојот на реката Вардар во горниот дел од течението заедно со притоките.
Во текот на денот можеше да се види дека Вардар во центарот на Скопје веќе е до ниво на малото (минор) корито.
Од УХМР велат дека бранот на вода во текот на денот се движел низводно кон Јурумлери, Огњанци, Орешани и Зелениково.
Денеска има значително зголемување на водостојот на река Драгор каде што од видеата објавени на социјалните мрежи може да се види дека коритото е веќе полно.
Според УХМР, можни се излевања и на други реки на истокот од земјата. Таму денеска реката Пчиња се излеа од своето корито кај Пелинце.
Исто така, од УХМР велат дека поради обилните врнежи можни се појави на одрони и свлечишта посебно во западните делови на земјата и предупредуваат на внимателно движење покрај реките и суводолиците.
Инаку, според последниот извештај од УХМР, до 19 часот вечерва, најмногу дожд има наврнато во Крушево – 21 литар на квадратен метар. Во Маврови Анови се наврнати 19 литри, во Претор има 16 литри на квадратен метар, а во Пожаране 14 литри.
