Интервенции се вршат и кај Меморијалниот центар АСНОМ, каде што екипи на кумановските претпријатија „Чистота и зеленило“ и „Водовод“ поставуваат вреќи со песок за заштита

Екипи на водостопанство „Кумановско-липковско поле“ и на јавните претпријатија од Старо Нагоричане и од Куманово денеска се на терен во Општина Старо Нагоричане и ги расчистуваат наносите од дрвја, гранки и смет кај мостовите откако реката Пчиња се излеа од своето корито кај Пелинце.
Градоначалникот на Старо Нагоричане, Мирослав Славковски, за МИА потврдува дека на најкритичните локации има екипи и механизација од водостопанство „Кумановско-липковско поле“.
„Најкритичните локации се покриени со екипи, со механизација на водостопанство ‘Кумановско-липковско поле’ се расчистуваат од наносите од дрвја, гранки кај мостовите. Засега нема пријави за штети“,
изјави Славковски.
Интервенции се вршат и кај Меморијалниот центар АСНОМ, каде што екипи на кумановските претпријатија „Чистота и зеленило“ и „Водовод“ поставуваат вреќи со песок за заштита, како што потврдија нивните директори.
Претходно, Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека кај село Пелинце, во близина на Меморијалниот центар АСНОМ, како и кај бања Стрновац, реката Пчиња се излеала околу 20 сантиметри над речното корито. Дополнително, кај Коински мост е забележано големо насобирање дрвја кое го попречува нормалниот проток на реката.
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) соопшти дека водостојот на реката Пчиња кај Пелинце утрово изнесувал 120 сантиметри. Ова е значително повеќе од вчерашните 18 сантиметри и е трипати повисоко од просекот за ноември, кој изнесува 41 сантиметар.
Утринава пожарникарите на Територијалната противпожарна единица Старо Нагоричане информираа дека во надојдената вода на реката Пчиња кај селото Стрновец бил заглавен автомобил во кој имало две лица. Пожарникарите веднаш интервенирале и го извлекле автомобилот.
Од ТППЕ Старо Нагоричане апелираат до жителите да избегнуваат движења и секакви активности по течението на реката Пчиња во општината.
