По спојувањето на обвинението против сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев, со главниот предмет, Обвинителството на денешната седница достави интегрален текст за двете постапки, наведувајќи дека постапката натаму ќе се води како едно обвинение и заедничка листа на докази
Дел од бранителите на обвинетите во случајот побараа одлагање на денешното рочиште и увид во интегрираното обвинение за, како што рекоа, да се запознаат кои докази се отстранети и врз основа на тоа да ја подготват својата одбрана
Адвокатите на неколкумина обвинети за пожарот во т.н. кабаре „Пулс” побараа одложување на денешното рочиште. Причина беше доставувањето на интегриран обвинителен акт, со редуцирана листа на докази од страна на Обвинителството, откако претходно Судот донесе решение со кое го спои обвинението против сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев, со главниот предмет.

„Со оглед дека пред отпочнување на главната расправа Советот донесе решение за спојување на постапките, доставувам интегрален текст на двете постапки и во понатамошниот тек на постапката ќе се води како едно обвинение за кривичното дело за сите обвинети и заедничка листа на докази. Бараме вака посочениот интегрален текст да влезе во записникот од денешната главна расправа. Појаснувам дека се работи за листа на докази која била наведена во обвинителните акти. Отстранети се докази кои биле во копија и вербални докази од распити за време на истражната постапка. Затоа листата на сведоци е скратена”,
рече обвинителот Борче Јанев.
По неговото известување се јави адвокатот Благој Јованов, кој рече дека кумулацијата на две обвиненија претставува измена на обвинителниот акт, а дека Судот треба да ѝ овозможи увид во интегрираното обвинение на одбраната за да може да се запознае кои докази се отстранети и врз основа на тоа да ја подготви својата одбрана.
„Со тоа што ОЈО најави редуцирање на доказите, тоа претставува хендикеп на одбраната во насока да се произнесе по овие докази. Во оваа смисла барам Судот да ни овозможи увид во новото обвинение и пречистената листа на докази за да доставиме евентуално дополнение на листата на докази“,
рече адвокатот.
На неговото барање се придружи и бранителот на Александар Нацев, кој рече дека поради тоа што не се запознаени со главното обвинение, а сега и со интегрираното, како и со редуцираната листа на докази, бара одлагање на денешното рочиште.
„Барам одлагање на денешната главна расправа заради увид во интегрираното обвинение“,
рече адвокатот на Нацев.
Во истата насока е и барањето на адвокатот Димитар Дангов, кој му е бранител на министерот и ексдиректор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Шабан Салиу.
Адвокатот Еленко Миланов, бранител на ексминистерот за економија Крешник Бектеши, рече дека однесувањето на Обвинителството е несериозно и дека доставувањето интегрирано обвинение со редуцирана листа на докази е спротивно на Законот за кривична постапка (ЗКП).
„Со поднесувањето на единствен и интегриран обвинителен акт во суштина престануваат да важат и обвинителниот акт од 13.06.2025 и споениот обвинителен акт за кој има оценка и решение за потврда за обвинителниот акт. Согласно одредбите од ЗКП, за да се редуцира или повлече доказ, мора во најмала рака тој прецизиран и интегриран обвинителен акт, со конкретно повлечени докази, да се достави и до одбраната, за да може да се изјасни”,
рече Миланов нарекувајќи го интегрираното обвинение апсурдно.
Во врска ова прашање се произнесе и адвокатот Дончо Наков.
„Предлозите за одлагање не се базираат на некое наше барање. Она што се случи е откажување од доказите. Постапката не е во таа фаза за тоа да се случи. Вие деклариравте да се утврди вистината пред сè со заштита на правата на оштетените, како и на сите странки. Обвинителството има 282 сведока. Во рамките на тие предложени вербални докази од 222 до 282 се оштетени, до 222 се очевидци на настанот. Никој а најмаку ние знаеме кои сведоци се редуцирани. ЗКП не познава редукција на сведоци. Членот 382 предвидува откажување од докази, но со изричита согласност на другата страна. Сите колеги од одбраната сме спремни да влеземе во фазата на давање воведни зборови, но редуцирањето на доказите го оневозможува тоа. Од тие причини сакам да бидеме начисто дека одбраната не бара одлагање заради одолголекување, туку заради заштита на правата и доаѓање до правдата која сите ја очекуваме”,
рече адвокатот Наков.
На барањето за одложување на рочиштети се приклучи и адвокатот Петре Шилегов.
„Сега би требало според Обвинителството да прифатиме релативизирање на правата, како на одбраната и на оштетените. Спојувањето е легитимно право на Судот, меѓутоа поднесување на пречистен текст не значи ништо друго освен нов обвинителен акт. Ние не ја знаеме содржината на пречистениот обвинителен акт, не знаеме ниту дали треба оценка на овој нов акт. Не знаеме тоа што е редуцирано, а за кое согласност мора да даде другата страна. Ние не знаеме кое е нивото на редукција за да ја дадеме таа согласнот. Се приклучувам на другите од одбраната за да ја запазиме законитоста на постапката, затоа што во спротивно не можеже да имаме ниту законита ниту праведна одлука”,
кажа Шилегов.
