Денеска во големата дигитализирана судница при КПУ „Идризово“ треба да започне судењето за пожарот во Кочани во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени
Со полициски комбиња утрово околу 8:30 часот во судницата во КПУ „Идризово“ беа донесени неколкумина од обвинетите што се наоѓаат во притвор за случајот со пожарот во т.н. кабаре „Пулс” во Кочани.

Пред судницата се присутни повеќемина родители и роднини на настраданите во пожарот, кои чекаат да почне на судењето.

Пред, околу и во судницата е видливо големо полициско обезбедување.

Покрај судската полиција за обезбедувањето се ангажирани и бројни тимови на редовната полиција при Министерството за внатрешни работи.
Пред малку почна влегувањето на новинарските екипи. Во судницата на своите места веќе се наоѓаат адвокатите.

Присутни се и обвинителите, кои, како што најави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, треба да бидат вкупно 15 на првото рочиште.
Денеска во големата дигитализирана судница при КПУ „Идризово“ треба да започне судењето за пожарот во Кочани во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Обвинети се вкупно 38 лица од кои 35 физички и три правни лица, односно фирми.
Меѓу обвинетите се поранешни министри, ексградоначалници на Кочани, инспектори во државни институции.
Првообвинет е сопственикот на т.н. кабаре „Пулс“, Дејан Јовановски-Деко. Тој се наоѓа во притвор заедно со неговиот брат. Сите се обвинети за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, а само едно лице се товари за примање мито.
На денешното рочиште се очекува судот да го спои обвинението против сопственикот на агенцијата „Рубикон”, Александар Нацев, кој се товари за истото дело.
