За ова прашање, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул разговарал со својот македонски колега Тимчо Муцунски и со премиерот Христијан Мицкоски за време на вчерашните средби во Скопје, додавајќи дека Германија ја поддржува Северна Македонија на овој, како што порачал, не секогаш едноставен пат
Северна Македонија веќе постигна многу. Сега, напредокот во односите со Бугарија е особено важен за да може да се постигнат натамошните успеси во процесот на пристапување кон Европската Унија.

Ова, во објава на инстаграм-стори го порача германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул по вчерашните средби во Скопје со премиерот Христијан Мицкоски и со шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, во рамки на својата турнеја низ земјите од Западен Балкан.
„Тука во Скопје, перспективата за идно пристапување кон ЕУ е голема тема. Германија ја поддржува Северна Македонија на овој, не секогаш едноставен пат. Северна Македонија веќе постигна многу. Сега особено е важен напредокот во односите со Бугарија за да може да има натамошни успеси во пристапниот процес“,
порача германскиот министер во стори-објава на Инстаграм.
За ова прашање, како што се додава во објавите на Инстаграм, Вадефул разговарал со својот македонски колега Тимчо Муцунски и со премиерот Христијан Мицкоски за време на вчерашните средби во Скопје.
Претходно вчера, Муцунски во објава на социјалните мрежи соопшти дека на средбата со германскиот министер за надворешни работи, меѓу другото, разговарале за евроинтегративниот пат на земјава, реформските процеси, како и поддршката на Германија за евроинтеграција на земјите од Западен Балкан.
По средбите на Вадефул со Мицкоски и Муцунски не беше предвидена прес-конференција или изјава за медиуми.
