„Ова не е време за реформи, за жал, бидејќи времето наликува на време за време на војна, или пред војна, и тоа не е време кога можат да се прават реформи. Но за мене, и претходно и сега ЕУ е уникатна политичка филозофија, ја поддржуваат сите актери, јавноста на Балканот, ЕУ е перспектива, ЕУ е мотив за демократски реформи, Унијата стимулира реформи што водат до траен мир и стабилност. Сигурна сум дека нашата интегрираност во ЕУ ќе стави крај на феноменот балканизација како феномен на постојано менување на границите“, истакна претседателката
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, на која беше разгледан последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, нагласи дека по 16. пат, овој извештај како и претходните не говори само за евалуираниот, туку говори и за евалуаторот. Таа посочи дека ЕУ немала јасна стратегија, доцнела на Балканот, САД понекогаш биле побрзи, не била доследна во мировното здружување, „па и денес преферира двојни стандарди“.

„Извештајот има многу добри податоци и критики, што добро треба да се анализираат и да се постапи по нив, но исто така понекогаш оценките на Европската Унија во овие 16 извештаи во вордингот секогаш се раководат од некоја клучна цел, што е она што за ЕУ е најважно во моментот и за тоа го врзуваат и моментумот. Така е и во овој извештај. По 16 пати, овој извештај како и претходните не говори само за евалуираниот, туку говори и за евалуаторот. Ако има оценка или натпревар за политичка спремност, тогаш ние ќе бидеме шампиони во спроведувањето, резултатите ги гледаме“,
потенцира претседателката.
Според неа, сега не е време за реформи.
„Ова не е време за реформи, за жал, бидејќи времето наликува на време за време на војна, или пред војна, и тоа не е време кога можат да се прават реформи. Но за мене, и претходно и сега ЕУ е уникатна политичка филозофија, ја поддржуваат сите актери, јавноста на Балканот, ЕУ е перспектива, ЕУ е мотив за демократски реформи, Унијата стимулира реформи што водат до траен мир и стабилност. Сигурна сум дека нашата интегрираност во ЕУ ќе стави крај на феноменот балканизација како феномен на постојано менување на границите“,
рече Сиљановска-Давкова..
Таа истакна дека ЕУ понекогаш како да е опседната со важни моменти и датуми и сега слушаме дека ова е клучниот момент, повторно треба да се качиме на возот.
„Да, ова е важен момент, зошто? Заради тоа што сме соочени со нешто што е спротивно на основната идеја на ЕУ – ЕУ е мировен проект и се случува војна. И сега зборуваме за отпорност на трети влијанија, да, треба да бидеме отпорни, ама најотпорни ќе бидеме ако сме внатре во ЕУ. Она што мислам што не смее да се заборави се посебните критериуми за нас. Зошто ние толку долго го одиме овој маратон со пречки, зошто покрај Копенхашките критериуми, ние добивме и дополнителни критериуми, но влеговме и во процес на Стабилизација и асоцијација. Кога зборувам за чуден вординг дека реформите се исплатат и дека некои земји за година, две, три направиле квантни скокови во реформите, тоа не можам да го прифатам. Реформите се процес. Ако ние, кои влеговме во процес на Стабилизација и асоцијација, се уште не сме стигнале да бидеме реформирани, тогаш тоа зборува за нешто друго, зборува за филозофија на морков и стап, за терапевтско управување, за диригиран суверенитет“,
посочи Сиљановска-Давкова.
Според неа, сите оценки не можат да се апстрахираат од едно основно барање, а тоа е барањето за уставни измени.
„И кога го оценувам овој момент не можам да тргнам само од оваа констатација дека годинава е најважна, туку најчесто извештајот е за период од три години. Во извештајот се вели дека нема исчекор или дека има ограничен исчекор или дека се потребни реформи. Мора еднаш прво да се ослободиме од вордингот дали има или нема политичка волја. Политичката волја е процес, таа се формира врз основа на анализа, врз основа на споредба за добрите и лошите страни и не може политичка волја да биде само нешто што оди на линија на она што е предвидено“,
рече претседателката.
Коментирајќи го извештајот, таа посебно се осврна на барањето за уставни измени.
„Можете да го видите извештајот на Венецијанската комисија за законот за употреба на јазиците, дека решенијата од овој закон се над европските решенија. Зборувам за малцински прашања. Мислењето на Венецијанската комисија за Уставот на Бугарија тука се бара од Бугарија ‘правата на лицата што припаѓаат на националните малцинства мора да бидат заштитени на ниво на Уставот’. Колку држави во Европа имаат одредби за заштита на правата на малцинствата. Многу малку, дури и придавката ‘француски предлог’ не знам дали соодветствува бидејќи Франција има извонредно развиена демократија, но не ја потпишува Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата, па затоа оваа придавка виси“,
нагласи Сиљановска-Давкова.
Претседателката оцени дека барањето за уставни измени не е во согласност со темелните вредности и принципи и вредности на ЕУ, односно со членот 4 од Договорот за ЕУ и Лисабонскиот договор, во кои се вели дека ќе се почитуваат уставните структури.
„Да не ја губиме енергијата наместо на реформи врзани за овој извештај, но потенцирам дека најчесто ние ја губевме енергијата на други прашања. Рековте судството не ни е реформирано, имаме проблем со корупцијата и криминалот. Но зошто не е истакнато дека за првпат пред Венецијанската комисија се најде еден голем пакет закони од областа на судството и јавното обвинителство. Дали е во согласност со Рамковниот договор предложената и уставна измена за внесување на Бугарите во Уставот под терминот други, не знам дали некој анализирал, бидејќи Рамковниот договор е договор за заштита на правата на заедниците, на малцинствата“,
рече шефицата на државата.
Во врска со политичката волја, таа оцени дека СДСМ толку многу изразувал политичка волја во однос на предлозите на ЕУ, кои не секогаш водело кон вистински реформи, што на некаков начин ја платиле цената на таа политичка волја.
„Да се фрлиме на реформи ама не заради политичка волја врзана за уставните измени, туку заради на владеење на правото. И не е точна констатацијата во извештајот дека во овие години не сме собрале волја за да го ставиме на дневен ред прашањето за уставните измени. Уставните измени дојдоа на дневен ред, пред Уставната комисија, не го поминаа ни првиот чекор, не ми е јасен заклучокот од каде е“,
заклучи Сиљановска-Давкова на заедничката седница на НСЕ и Комисијата за европски прашања на која се разгледуваше Извештајот на ЕК за земјава.
