„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, меѓутоа морам да нагласам дека вчера имавме состанок и најверојатно ќе ангажираме уште неколку обвинители за да не отежне, односно да не се наруши постапката на другите обвинители што имаат други предмети, што значи дека, можеби не секогаш, ќе присуствуваат сите обвинители, меѓутоа секогаш ќе има обвинители за да не се одолговлекува постапката или да не се одлага да не речам по вина на Обвинителството“, изјави денеска државниот јавен обвинител
Обвинителниот акт во судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ што треба да започне следната недела на 19 ноември ќе го застапуваат 15 обвинители, изјави денеска државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, уверувајќи дека Јавното обвинителство е екипирано и подготвено за ефикасно водење на постапката од негова страна.

Одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на денешната седница на Советот на јавни обвинители, чиј член е јавниот обвинител по службена должност, Коцевски кажа дека во судницата обвинението ќе го застапува истиот тим обвинители што работеше и досега во рамките на истрагата, но ќе бидат ангажирани и дополнителни.
Проширувањето на тимот за потребите на судскиот процес, како што кажа државниот јавен обвинител, е со цел да не се одолговлекува постапката, односно да не се одложуваат рочишта поради отсуство на обвинител или обвинители.
За ова прашање, како што кажа Коцевски, вчера се одржал и состанок во Јавното обвинителство.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, меѓутоа морам да нагласам дека вчера имавме состанок и најверојатно ќе ангажираме уште неколку обвинители за да не отежне, односно да не се наруши постапката на другите обвинители што имаат други предмети, што значи дека, можеби не секогаш, ќе присуствуваат сите обвинители, меѓутоа секогаш ќе има обвинители за да не се одолговлекува постапката или да не се одлага да не речам по вина на Обвинителството“,
изјави тој.
Надополнувајќи се во таа насока, државниот јавен обвинител кажа дека тие од нивна страна се екипрани и договорени за начинот на кој ќе застапуваат предметот.
„Така што од наша стррана нема никаков проблем во однос на судењето за Кочани“,
додаде Коцевски.
Прашан за колкав број на обвинители станува збор што ќе застапуваат обвинението „Пулс“, Коцевски рече дека максималниот број можеби ќе биде и 15 обвинители.
За потсетување, почетокот на судењето за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, е закажан за 19 ноември годинава, а рочиштата ќе се одржуваат во судницата во рамките на Казнено-поправната установа „Идризово“.
Предметот, преку Автоматизираниот систем за управување со судските предмети – АКМИС, е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
За трагедијата се обвинети 34 физички и три правни лица. Сите се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет за примање мито за изготвување на лажните лиценци за објектот да може да функционира како кабаре-клуб.
Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата „Класик ДМ“ ДОО Кочани, чија подружница бил т.н. кабаре „Пулс“, односно фирмата „МММ кафе“ ДООЕЛ Кочани со подружница на правното лице кабаре „Пулс“ Кочани.
Меѓу обвинетите се и тројца ексградоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, еден генерален секретар и двајца министри за економија, службеници на државниот пазарен инспекторат, како и членови на обезбедувањето на клубот, од кои еден немал ниту лиценца за вршење на дејноста.

Коцевски беше прашан и за предметот, односно истрагата што се води против полициските службеници во врска со „Пулс“, за која сè уште нема обвинение иако претходно беше најавено дека тоа ќе биде поднесено на почетокот на септември.
Државниот јавен обвинител сега очекува истрагата да финишира и да биде донесена јавнообвинителска одлука на почетокот на наредниот месец. Според Коцевски, било предвидено тоа да се случи до крајот на септември, но, тоа не се остварило поради сослушување, на како што кажа одредени сведоци. Претходно, кон крајот на септември, државниот јавен обвинител изјави дека истрагата за полициските службеници трае толку долго бидејчи на неа работи само еден обвинител.
Имено, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја води истрагата против триесет полициски службеници, кои се товарат дека како службени лица вработени во СВР Штип и полициската станица во Кочани не направиле целосна и детална проверка за издавање согласност за добивање лиценца за „Пулс“, во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир.
Првично во истрагата беа осомничени седуммина полицајци, за потоа во април таа да бдие проширена со уште десетмина. Уште 13 полицајци беа осомничени во јуни годинава.
Во врска со службениците од Управата за јавни приходи (УЈП) кои, како што откри документарниот филм на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), биле во комуникација со сопствениците на „Пулс“ околу инспекциските надзори, Коцевски вели дека се води предистражна постапка во Основното јкавно обвинителство Кочани, но поради нејизната тајност не сподели дополнителни детали.
„Надлежниот јавен обвинител дал одредени напатствија и наредби за преземање од страна на надлежните органи на одредени процесни дејствија и во тој дел не можам да кажам ништо повеќе“,
рече државниот јавен обвинител.
