Сепак, беспилотните летала не влијаеле врз работата на оваа централа. Претходно, дронови се забележани и над аеродромот во Лиеж, каде повеќе од еден час беше прекинат воздушниот сообраќај
Три дронa синоќа се забележани над критичната инфраструктура во Белгија, овој пат над нуклеарната централа „Доел“, во североисточниот дел од земјата, пренесуваат белгиските медиуми.
Сепак, како што соопшти операторот „Енги“, беспилотните летала не влијаеле врз работата на електраната.

Кризниот центар ја потврди информацијата и објави дека ќе продолжи да ја следи ситуацијата.
Експертот за енергетика Лук Пауелс изјави дека иако имало прекршување на забраната за дронови над нуклеарната централа „Доел 3“, сепак, немало нуклеарна закана.
Посочи дека случајот е пријавен од неколку лица што забележале дронови над електраната, кои ја прекршиле зоната на забрането летање.
„Нашите нуклеарни реактори можат да издржат удар од авион. Најстариот реактор може да издржи удар од спортски авион, а околу другите реактори има две бетонски конструкции што можат да издржат удар од патнички авион, како што е ‘боинг 737‘“,
вели тој.
Според него, не треба да има стравувања оти дроновите би можеле да предизвикаат штета на реакторите или на околните згради.
Претходно, дронови се забележани и над аеродромот во Лиеж, каде повеќе од еден час беше прекинат воздушниот сообраќај.
Во последните неколку дена во Белгија е забележано присуство на голем број дронови, особено над аеродромите и воените објекти.
