Конечната одлука, како што кажа тој, треба да биде донесена во зависност од препораките на експертите
Владата и Министерството за здравство разгледуваат три можни опции за новиот клинички центар, кој е окарактеризиран како еден од клучните проекти во првата фаза од здравствената реформа, вели министерот за здравство Азер Алиу во интервју за Радио Слободна Европа. Опциите се реконструкција и модернизација на веќе постоечкиот клинички кампус, изградба на сосема нов клинички центар на нова локација или, пак, префрлање на целиот комплекс на просторот кај ГОБ „8 Септември“.

Тој вели дека проектот е во многу рана фаза на планирање и оти конечната одлука за локацијата ќе зависи од препораките на експертите кои ќе треба да ги проценат инфраструктурните можности, пристапноста, како и флексибилноста на системот што треба да ги поврзе административните, клиничките и академските функции на идниот центар.
„Знаете дека Клиничкиот центар е блиску поврзан со факултетот заради тој „рисрч“ ориентиран момент. Така што сме претпазливи кога ќе се креира новиот клинички центар да не трпи ниедна од овие три гранки“,
рече Алиу.
Во однос на средствата од британскиот договор, Алиу вели оти со 205 милиони евра ќе се инвестира во изградба и реконструкција на објекти во повеќе градови низ државата. Во Кичево ќе се гради нова зграда поради застарената инфраструктура на постојната болница, во Тетово ќе се обнови целиот кампус, а во Штип ќе се подигне нов објект за медицинскиот факултет и ќе се модернизираат постојните здравствени капацитети.
Во втората фаза ќе следува анализа на другите регионални здравствени центри, со цел децентрализација и подобра распределба на здравствените услуги низ државата. Министерството за здравство веќе спроведува мапирање на инфраструктурата и човечките ресурси, со цел воспоставување регионални институции кои ќе можат ефикасно да ги покриваат потребите на населението во своите области.
