Ограда, полициски екипи и стражари во жолти елеци ги одделуваат поддржувачите на владејачката Српска напредна партија (СНС) од луѓето што ја поддржуваат Дијана Хрка која штрајкува со глад веќе четврти ден барајќи гонење на одговорните за трагедијата во Нови Сад и распишување вонредни парламентарни избори

Околу српскиот парламент, каде што се одржуваат два митинга, се распоредени силни полициски сили, пишуваат српските медиуми.
Полициски кордони со опрема за разбивање демонстрации целосно ја опкружуваат зградата на парламентот, а голем број полицајци се присутни по самата ограда, на аголот од булеварот „Крал Александар“ и улицата „Таковска“, која ги дели двата собира.
Сообраќајот во тој централен дел од градот е целосно запрен, а го регулира сообраќајната полиција, која ги пренасочува возилата.
Ограда, полициски екипи и стражари во жолти елеци ги одделуваат поддржувачите на владејачката Српска напредна партија (СНС) од луѓето што ја поддржуваат Дијана Хрка, која штрајкува со глад веќе четврти ден барајќи гонење на одговорните за трагедијата во Нови Сад и распишување вонредни парламентарни избори.
„Не смееме да одговориме на провокациите. Ако полицијата не ги спречи (поддржувачите на СНС) да нè провоцираат и да пукаат, граѓаните ќе возвратат, јас не можам да ги сопрам. Сè зависи од полицијата, не е до мене ниту до народот, туку до полицијата“,
вели Хрка во изјава што ја пренесува „Н1“.
Собирот на поддржувачите на СНС се одржува на четвртиот ден од штрајкот со глад на Дијана Хрка.
Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека на 8 ноември СНС ќе организира голем митинг во Нови Сад, седум дена откако десетици илјади луѓе, предводени од студенти, се собраа во тој град за да ја одбележат годишнината од падот на натстрешницата на железничката станица.
Пред денешниот митингот во Белград, Вучиќ ги повика поддржувачите да бидат смирени и да покажат одговорност и почит кон политичките противници.
„Да покажеме почит кон политичките противници, да правиме сè што правиме во наредните денови на достоинствен начин и да подаваме рака за дијалог секој ден“,
рече Вучиќ.
Студенти од Нови Пазар, Ниш и Нови Сад, исто така, го најавија своето пристигнување, но не на митингот на СНС, туку за да ја поддржат Дијана Хрка. Тие се собираат во зградата на Ректоратот во Белград, од каде што ќе се упатат кон српското собрание.
