За време на Самитот за проширување на ЕУ во Брисел, премиерот рече дека две и пол децении по отпочнувањето на патот на земјава кон членството во ЕУ, Македонија е сè уште на истото место не бидејќи не ги исполнува Копенхашките критериуми туку, како што рече, поради вештачки причини како менување на националното знаме, името на државата и најновата пречка за промена на Уставот за вклучување на бугарската заедница
Ако Европската Унија еднаш го дозволи принципот според кој земјите кои сакаат да се приклучат кон ЕУ се малтретирани од други земји со ставање вето, тогаш ќе се уништат сите принципи и вредности на кои е изградена Унијата. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски за време на Самитот за проширување на ЕУ во Брисел, организиран од Еуроњуз, говорејќи за пристапувањето на С Македонија кон Унијата.

„Самата Европска Унија треба да се запраша што прави. Што прави со принципот на едногласност и дали е тоа во согласност со принципите и вредностите врз кои таа се развива. Веројатно ова ќе се случува и во иднина, одново и одново, бидејќи функционира. Очигледно функционира бидејќи пред две и пол децении го започнавме ова патување и сега сме на истото место каде што бевме и тогаш. Зошто, затоа што некој ја злоупотребува оваа алатка“,
изјави Мицкоски.
Премиерот додаде дека две и пол децении по отпочнувањето на патот на земјава кон членството во ЕУ, Македонија е сè уште на истото место не бидејќи не ги исполнува Копенхашките критериуми туку, како што рече, поради вештачки причини како менување на националното знаме, името на државата и најновата пречка за промена на Уставот за вклучување на бугарската заедница.

„Неколкуте стотина припадници на бугарската заедница во земјава ги имаат сите права и се дел од нашите институции, а од друга страна на десетици илјади припадници на македонската заедница во Бугарија не им е дозволено ниту да регистрираат невладини организации. Но, во ред. Тие се во ЕУ, ние сме надвор од ЕУ. Ова е еден вид ‘булинг’, но во ред. Ние би сакале да се видиме себеси на масата во Брисел, но вистинското прашање е дали е ова последната цена што треба да ја платиме“,
додаде Мицкоски.
Порача дека местото на Македонија е во Европската Унија и дека земјата ќе продолжи да чекори кон крајната цел за пристапување во Унијата, но рече дека најпрво треба да си ја заврши својата домашна задача во поглед на обезбедување подобар животен стандард, посилна економија и перспективи што ќе им служат на граѓаните.
„Судбината на големите е да прават што можат, а на малите што мораат. За жал, ние сме мали, па ајде да си ја завршиме домашната задача, да создадеме добро опкружување, да ги вратиме младите дома и да развиеме нешто што ќе биде добро за нив. Да ја сработиме домашната задача што ќе ја импресионира ЕУ и тогаш можеби некој во ЕУ ќе каже – доста е“,
додаде премиерот од Самитот за проширување на ЕУ во Брисел, организиран од Еуроњуз.
