„Немаме време некој допрва да учи колку училишта има во Скопје, да учи колку претпријатија има, да учи кои се булеварите во главниот град, да ги учи каде се скопските населби. Ние во изминатите четири години докажавме како се работи, а пред неколку дена на дуел, нивното незнаење, лажната скромност и преголемата амбиција и доживеа целосен дебакл“, рече тој од вечерашниот завршен митинг од Скопје
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски вечерва на завршниот митинг пред гласањето на вториот круг, ги повика граѓаните на главниот град в недела масовно да излезат да гласаат и да испратат порака дека Скопје избира работа и човек кој знае, умее и им покажал како се сака својот град.

„Стоиме заедно во пресрет на конечната одлука, ова е одлука за судбината на нашиот град. Одлука за тоа во каков град сакаме да имаме ние и во каков град сакаме да живеат нашите деца. Нашиот град е уморен од хаос, уморен е од нечистотија, од сообраќаен метеж во кој губиме часови од нашиот живот, од празни ветувања и од неспособност“,
рече тој.
Според него, овие проблеми не се решаваат со учење во од и со празни фрази, туку бараат сериозни, искусни и итни решенија.
„На Скопје не му требаат експерименти. На Скопје не му требаат луѓе кои допрва ќе се учат што е локална самоуправа. Не му требаат луѓе кои допрва ќе откриваат што е тоа Генерален урбанистички план, што е Детален урбанистички план, што е физибилити студија, што е главен проект, а што е буџетско планирање“,
кажа кандидатот за градоначалник од редовите на владејачката партија.
Градот, како што додаде, бара човек кој знае што прави уште од првиот ден, затоа што Скопје нема време за губење, ниту пак за учење.
„Немаме време некој допрва да учи колку училишта има во Скопје, да учи колку претпријатија има, да учи кои се булеварите во главниот град, да ги учи каде се скопските населби. Ние во изминатите четири години докажавме како се работи, а пред неколку дена на дуел, нивното незнаење, лажната скромност и преголемата амбиција и доживеа целосен дебакл“,
вели Ѓорѓиевски.
Во обраќањето ги повтори сите проекти што се предвидени во неговата програма како кандидат за градоначалник на Скопје.
Ѓорѓиевски на својот фејсбук-профил објави зошто нема да учествува во дебата со противкандидатот од Левица, Амар Мециновиќ, која требаше да се одржи вечерва на ТВ Телма.
Тој вели дека во тој термин е и завршниот митинг на неговата кампања во Скопје, на кој ќе присуствува.
Сепак, нагласи и дека целосно ги почитува намерата и професионалноста на телевизијата која ја испратила поканата за дебата.
