На новинарско прашање дали би направил какви било отстапки за да се стави крај на војната во Украина, Зеленски рече дека е потребно прво сите страни да седнат и да разговараат

Украинскиот претседател Володимир Зеленски му честита на неговиот американски колега Доналд Трамп за постигнувањето мировен договор за Газа на почетокот од нивниот состанок денеска, велејќи дека тоа би можело да биде „моментум“ за завршување на војната во Украина.
На отворањето на работниот ручек во Белата куќа со американскиот претседател, Зеленски изјави дека верува оти рускиот претседател Владимир Путин „не е подготвен“ за мир, но изрази „увереност“ дека со помош и ангажман на Трамп „оваа војна може да се запре“.
„Мислам дека со ваша помош можеме да ја завршиме оваа војна“,
рече Зеленски додавајќи дека Русија нема многу успех на бојното поле.
Зеленски вели дека сите страни треба да седнат и да разговараат за да се договорат за прекин на огнот. Тој додава дека Украина сака мир, но нагласува оти Путин треба да биде „принуден“ да ја заврши војната.
На новинарско прашање дали би направил какви било отстапки за да се стави крај на војната во Украина, Зеленски рече дека е потребно прво сите страни да седнат и да разговараат.
„Втората работа е дека ни треба прекин на огнот. Дури и сега, гледате, на Блискиот Исток, многу е тешко да се одржи прекин на огнот“,
рече тој на прес-конференцијата со Трамп во Белата куќа.
Тој додаде дека е „подготвен да разговара во кој било формат“.
„Билатерално, трилатерално – не е важно. Само мир. Тоа е важно“,
смета Зеленски.
Според него, обезбедувањето билатерални безбедносни гаранции со САД е најважниот документ затоа што „САД се многу силни“.
Зеленски беше прашан и дали би размислил да ја откаже својата апликација за членство во НАТО со цел да се стави крај на војната.
Украинскиот лидер одговори дека членството во НАТО е многу важно прашање за Украинците и оти од нив и од сојузниците на Украина зависи одлуката.
„Најважното нешто за народот на Украина, кој е нападнат, е да има безбедносни гаранции“,
вели тој.
За неговиот однос со американскиот претседател, Зеленски рече дека двајцата „водат важни дијалози“.
„Мислам дека почнуваме да се разбираме. Знам дека претседателот Трамп е многу добро информиран за ситуацијата на терен и знае многу за тоа што се случува во Украина. Мислам дека навистина помага кога ги знаете деталите“,
рече Зеленски.
Украинскиот претседател изјави и дека американските енергетски компании се „подготвени да ѝ помогнат“ на Украина по неодамнешните руски напади врз украинската енергетска инфраструктура.
„Имав добра можност да се сретнам со големи американски енергетски компании и тие се подготвени да ни помогнат“,
рече Зеленски.
Тој додаде и оти неговата земја би можела да им обезбеди на САД „илјадници дронови“ ако Вашингтон им дозволи да користат ракети „томахавк“.
„Затоа ова е место каде што можеме да соработуваме, каде што можеме да го зајакнеме американското производство“,
изјави Зеленски.
Американскиот претседател рече дека САД потенцијално би биле заинтересирани за овој предлог и го пофали производството на ова оружје во Украина.
„Имаме многу дронови во моментов. Ние ги правиме нашите сопствени дронови, но исто така купуваме дронови од други, а тие (Украина) прават многу добри дронови“,
рече Трамп.