Дали овој предмет ќе биде споен со оној во кој се обвинети 34 физички и три правни лица и за кој е закажан почетокот на судењето, од Кривичен засега не можат да кажат. Оттаму велат дека за тоа првин треба да се изјасни надлежното обвинителство кое треба да поднесе предлог до Судот доколку смета дека двете постапки треба да се спојат
Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека е одобрен обвинителниот акт и против сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушн“, Александар Нацев, а во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани кој однесе 63 млади животи и во кој повеќе од 200 лица беа повредени.

Обвинението против сопственикот на агенцијата која го обезбедувала „Пулс“ беше поднесено на почетокот на септември, а информацијата дека тоа е одобрено во целост од надлежниот совет доаѓа еден ден откако Кривичен соопшти дека судскиот процес за пожарот во Кочани ќе почне на 19 ноември.
„Советот за оценка на обвинител акт, постапувајќи по дополнителното обвинение со КО 2317/25 поврзано со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, донесе решени со кое во целост го одобри актот. Обвинителниот акт беше поднесен на 4 септември од страна на обвинителскиот тим кој постапува по истрагата за пожарот, а се однесува против едно лице – А.Н. кој е осомничен за кривичното дело од член 292 став 2 во врска со член 288 став 3 во врска со став 2 во врска со член 22 од Кривичниот закон (КЗ), а согласно соопштението на Јавниот обвинител, истиот се јавува како одговорно лице – реален сопственик на обвинетото правно лице Друштво за обезбедување на имот и лица ‘Рубикон секјурири солушн’ увоз-извоз ДООЕЛ Скопје“,
се наведува во соопштението од Кривичен.
Оттаму додаваат дека по одобрувањето на обвинението е оформен предмет – К.бр. 1970/25, кој преку Автоматизираниот систем за управување со судски предмети е распределен кај судијката Биљана Смаќоска на натамошно постапување.
Дали овој предмет ќе биде споен со оној во кој се обвинети 34 физички и три правни лица и за кој е закажан почетокот на судењето, од Кривичен засега не можат да кажат. Оттаму велат дека за тоа првин треба да се изјасни надлежното Јавно обвинителство обвинителство Скопје кое треба да поднесе предлог до Судот доколку смета дека двете постапки треба да се спојат.
Што се однесува до обвинението против Нацев, тој, како и другите обвинети, за пожарот во „Пулс“ се товари за тешки дела против општата сигурност бидејќи, според обвинителството, тој има особен придонес во пропустите за „Пулс“. Се товари дека не постапил според прописите и техничките правила за мерките за заштита и со тоа предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, како и имотот од големи размери.
„Последниот обвинет, во временскиот период од септември 2022 година до денот на пожарот, во Скопје и Кочани, како одговорно лице – реален сопственик на обвинетото правно лице Друштво за обезбедување на имот и лица ’Рубикон секјурити солушн’ увоз-извоз ДООЕЛ Скопје, заеднички со веќе обвинетиот управител, раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата за обезбедување“,
соопштија од Обвинителството на 5 септември.
Критичната вечер, како што додадоа оттаму, тројца вработени со лиценца и еден без, го обезбедувале објектот без да направат безбедносна процена или план за евакуација, иако објектот бил преполн со посетители надминувајќи ги неговите капацитети.
Од Обвинителството, информирајќи за обвинителниот акт против Нацев, наведоа и дека поради нестручното обезбедување, во т.н. кабаре бил овозможен влез на малолетници и внесување на пиротехнички средства, кои биле причина за пожарот.
Според Обвинителството, доказите од истрагата покажале дека обвинетиот фактички раководел со агенцијата и давал директни инструкции на обезбедувачите.
Од Обвинителството беше посочено и дека обвинетиот по трагедијата во Кочани, основал нова фирма за обезбедување во Струмица, што се смета за обид да ја продолжи дејноста затскривајќи се зад друго одговорно лице.

Вчера, точно на денот кога се навршија седум месеци од трагедијата во Кочани, скопскиот Кривичен суд соопшти дека почетокот на судскиот процес за „Пулс“ е закажан за 19 ноември и дека судењето ќе се одвива во судницата во рамките на Казнено-поправната установа „Идризово“.
Судењето ќе го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а како втор член на судечкиот совет е определен нејзиниот колега Ахмед Идризи, откако претходно изземање од постапување во предметот побарале и добиле судијките Тамара Витларова-Смилевска и Илина Смичковска-Илиевска поради познанство со дел од оштетените во пожарот.
По информацијата дека е одреден датумот за почеток на судскиот процес родителите на загинатите во пожарот во Кочани соопштија дека ги ставаат во мирување секојдневните едночасовни блокади на една од сообраќајниците во градот, но дека и понатаму ќе продолжат со „Маршот за ангелите“ што се одржува секоја сабота.
Смртниот биланс од пожарот во Кочани се зголеми пред три дена, кога згасна животот и на музичарот Владимир Блажев – Панчо, од дуото ДНК, кој беше тешко повреден во трагедијата. Тој почина по 213 дена лекување во една скопска приватна болница.
За потсетување, неполни три месеци од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, Јавното обвинителство на 13 јуни соопшти дека поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица.
Сите обвинети се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре-клуб.
Иако првично бројот на осомничени во истрагата беше поголем и изнесуваше околу 50 лица, за дел од нив постапките беа прекинати бидејќи во текот на истрагата не се обезбедени докази за нив.
На оценка на обвинителниот акт се чекаше речиси три месеци, а од Кривичниот суд ваквата околност ја образложија со наводи за проблеми при доставата на обвинението до адвокатите, како и барањата за изземање од страна на судии поради познанство со оштетени или затоа што членови на нивните семејства се бранители на обвинети во случајот.