Судењето ќе се одвива во судницата во рамките на Казнено-поправната установа „Идризово“, а првото рочиште на 19 ноември, ќе почне во 9:30 часот
Во денешното соопштение од Судот информираат дека покрај судиите кои се изземаа од постапување по предметот пред оценка на обвинителниот, дополнително, изземање побарале и добиле и судијките Тамара Витларова-Смилевска и Илина Смичковска-Илиевска поради познанството со дел од оштетените во пожарот. Поради овие околности, како втор член на судечкиот совет, кој ќе постапува во предметот, е определен судијата Ахмед Идризи
Судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани ќе почне на 19 ноември, соопшти денеска Основниот кривичен суд Скопје. Информацијата дека е закажано судењето, Кривичен ја соопшти на денот кога се одбележуваат точно седум месеци од трагедијата која однесе 63 млади животи и во која беа повредени повеќе од 200 лица.

Судењето ќе се одвива во судницата во рамките на Казнено-поправната установа „Идризово“, а првото рочиште на 19 ноември, ќе почне во 9:30 часот.
Почетокот на судењето е закажано откако надлежниот совет при Основниот кривичен суд Скопје на почетокот на октомври во целост го одобри обвинителниот акт што првично го поднесе Основното јавно обвинителство Кочани, а кој потоа со решение на државниот јавниот обвинител, Љупчо Коцевски, беше доделен во надлежност на скопското Основно јавно обвинителство.
Согласно Автоматизираниот систем за распределба на судските предмети – АКМИС, како што претходно информираат од Кривичен, предметот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Инаку, во денешното соопштение од Судот информираат дека покрај судиите кои се изземаа од постапување по предметот пред оценка на обвинителниот, дополнително, изземање побарале и добиле и судијките Тамара Витларова-Смилевска и Илина Смичковска-Илиевска поради познанството со дел од оштетените во пожарот.
Поради овие околности, како втор член на судечкиот совет, кој ќе постапува во предметот, е определен судијата Ахмед Идризи.
Од Кривичен, исто така, информираат дека се определени уште шест термини одржување на главната расправа, а по нејзиното отпочнување ќе бидат усогласени и дополнителни.
„Заради ефикасно и економично постапување, определени се повеќе термини за главна расправа односно 25.11.2025 г., 26.11.2025 г., 02.12.2025 г., 04.12.2025 г., 10.12.2025 г. и 11.12.2025 г., а по отпочнување на расправата ќе се усогласат и дополнителни термини. Поканите до странките се веќе во фаза на достава“,
се вели во соопштението од Кривичен.
Од Судот упатија и укажување до сите учесници во постапката да бидат присутни во судницата најмалку еден час пред закажаниот термин, заради неопходните безбедносни процедури како и навремено отпочнување со расправата.

Смртниот биланс од пожарот во Кочани се зголеми пред два дена, кога згасна животот и на музичарот Владимир Блажев-Панчо, од дуото ДНК, кој беше тешко повреден во трагедијата. Тој почина по 213 дена лекување во една скопска приватна болница.
За потсетување, неполни три месеци од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, Јавното обвинителство на 13 јуни соопшти дека поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица.
Сите обвинети се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре-клуб.
Иако првично бројот на осомничени во истрагата беше поголем и изнесуваше околу 50 лица, за дел од нив постапките беа прекинати бидејќи во текот на истрагата не се обезбедени докази.
Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата „Класик ДМ ДОО Кочани“, чија подружница бил т.н. кабаре „Пулс“, односно фирмата „МММ Кафе ДООЕЛ Кочани“ со подружница на правното лице кабаре „Пулс“ Кочани.
Тие се обвинети дека во период од 13 декември 2012 до 16 март 2025 година вршеле угостителска дејност без да ги исполнат законските услови за реконструкција на објектот и негова пренамена за оваа дејност.
Обвинети за трагедијата се тројца ексградоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, еден генерален секретар и двајца министри за економија, службеници на државниот пазарен инспекторат, како и членови на обезбедувањето на клубот, од кои еден, како што беше кажано, немал ниту лиценца за вршење на дејноста.
Сите тие со непреземање на своите службени должности, како што кажа државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на 13 јуни, придонеле во Кочани да функционира објект како кабаре-клуб без да ги исполнува минималните услови за таа намена.
На оценка на обвинителниот акт се чекаше речиси три месеци, а од Кривичниот суд ваквата околност ја образложија со наводи за проблеми при доставата на обвинението до адвокатите, како и барањата за изземање од страна на судии поради познанство со оштетени или затоа што членови на нивните семејства се бранители на обвинети во случајот.
Во меѓувреме, додека се очекуваше датумот за почеток на судскиот процес дојде до, условно кажано, препукувања меѓу Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Адвокатската комора, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски преку јавно писмо реагираше дека адвокати кои бранат обвинети во „Пулс“ го критикуваат обвинението и изнесуваат неосновани очекувања за текот на судскиот процес.
Преписката меѓу Обвинителството и адвокатите допре и до родителите и блиските на загинатите во „Пулс“, кои од саботата почнаа со едночасовни блокади на сообраќајот на двојниот мост во Кочани, кои, како што рекоа, ќе траат сè додека не почне судењето.