Од ФЗО посочуваат дека факсимилот 712680 е активен од 1 април 2010 година, со исклучок на еден краток прекин во април 2018 година поради неплатено отсуство

Електронската евиденцијата што ја има Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) покажува дека неодамна разрешениот директор на Клиниката за неврологија, доктор Игор Кузмановски, во здравствениот регистар е евидентиран како специјалист по неврологија со активен факсимил број 712680, информираа денеска оттаму.
Факсимилот е активен во рамките на договорот за здравствени услуги склучен помеѓу ФЗО и Клиниката за неврологија.
Од ФЗО посочуваат дека факсимилот 712680 е активен од 1 април 2010 година, со исклучок на еден краток прекин во април 2018 година поради неплатено отсуство.
Фондот објаснува дека одобрението за издавање на овој факсимил е дадено врз основа на официјално доставен список на лекари вработени во здравствената установа, потврден и заверен од страна на Клиниката за неврологија. Ова е доставено согласно активниот договор кој е во сила од 2020 до 2028 година.
Во соопштението, ФЗО потсетува на член 3 од договорот склучен со Клиниката за неврологија, кој ја обврзува здравствената установа „да обезбеди стручен кадар кој ги исполнува условите утврдени со актите на Министерството за здравство, меѓу кои и условот лекарите да поседуваат важечка лиценца за работа“.
Според актуелната постапка, како што велат од Фондот, постапката за издавање одобрение за факсимил, бара од здравствената установа да достави барање придружено со важечка лиценца за работа издадена од соодветната комора и заверена на нотар. Со оваа процедура, велат дека Фондот го утврдува правото на издавање факсимил во согласност со законските прописи и достапната документација.
Во насока на превенција од незаконско работење и фалсификување на лиценци, ФЗО на 15.11.2024 година се обратил до Лекарската комора за електронско поврзување и преземање на сите активни лиценци. Како што се наведува во соопштението од ФЗО, Лекарската комора до денес не одговорила на ова барање.
ФЗО нагласува дека останува доследен во примената на законските прописи и е подготвен за транспарентна комуникација.
Инаку, случајот со докторот Кузмановски е актуелен од петокот кога на социјалните мрежи се појави видео во кое тој меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијации за кокаин и разговара со друго лице кое најверојатно го снимало видеото.
Министерот за здравство Азир Алиу веднаш го разреши Кузмановски од директорската позиција на Клиниката за неврологија.
Вчера, Алиу потврди оти е известен од Лекарската комора дека докторот Кузмановски имал истечена лиценца и најави дека веќе е формирана комисија од страна на Министерството за здравство и дека се бара да се направи инспекциски надзор во таа институција, а поврзано со сега веќе разрешениот директор.