Ескалацијата доаѓа откако во четвртокот беа пријавени две експлозии во авганистанскиот главен град Кабул и уште една во југоисточен Авганистан
Жестоки судири синоќа избувнале на границата меѓу Пакистан и Авганистан, откако талибанците извршиле напад врз пакистански воени пунктови, јавуваат светските медиуми.

Екслацијата, како што пишува „Гардијан“ повикувајќи се безбедносни претстаници од двете земји, доаѓа по воздушниот напад што пакистанските сили го извршија оваа надела. Силите на талибанскиот режим во Авганистан, како одмазда вчера почнале со напади врз пакистанските трупи долж границата, тврдејќи дека зазеле два гранични пункта во јужната провинција Хелманд, информација што ја потврдиле локалните власти.
Пакистанските безбедносни претставници ги потврдиле судирите со талибанците на неколку гранични локации, наведувајќи дека нивните сили возвратиле енергично.
„Вечерва, талибанските сили почнаа да пукаат кон неколку гранични точки. Ние возвративме со артилерија на четири локации по должината на границата. Нема да толерираме никаква агресија од авганистанските талибанци на нашата територија. Пакистанските сили одговорија со силен оган, ефикасно таргетирајќи неколку авганистански гранични пунктови“,
изјавил претставник на пакистанската влада за „Гардијан“.
Пакистанската армија, како што се наведува, употребила артилерија, тенкови, како и лесно и тешко оружје во своите контранапади.
Ескалацијата доаѓа откако во четвртокот беа пријавени две експлозии во авганистанскиот главен град Кабул и уште една во југоисточен Авганистан. Министерството за одбрана, управувано од талибанците, го обвини Пакистан за кршење суверенитетот на земјата во врска со овие два напади.
Аналитичари за „Гардијан“ велат дека послендите случувања на релација Кабул-Исламабад покажуваат колку се длабоки граничните тензии меѓу двете држави.
„Интензивирањето на прекуграничните напади врз пакистанските сили, невообичаено интензивните пакистански напади во Авганистан и одмаздите на талибанците создадоа совршена бура за проблеми. Ако го додадете фактот дека Авганистан не ја признава границата, како и ширењето на дезинформации за кризата, сето тоа создава несигурна ситуација“,
вели Мајкл Кугелман, аналитичар за Јужна Азија со седиште во Вашингтон.
Иако Исламабад не ја презеде експлицитно одговорноста за нападите во Кабул, властите во земјата ги повикаа Талибанците да прекинат да му обезбедуваат засолниште на џихадистичката милитантна група Техрик-е-Талибан Пакистан (ТТП), која ја обвинуваат за убиство на стотици пакистански војници од 2021 година и за која се верува дека била обучувана воАвганистан, делејќи идеолошки врски со авганистанските Талибанци.
„За среќа, оваа криза, колку и да е сериозна, е подготвена да се смири што е можно поскоро. Талибанците немаат капацитет да се борат директно против пакистанската војска и откако одмаздата ќе го смири јавниот гнев, веројатно ќе се повлечат“,
вели Кугелман.
Портпаролот на пакистанската војска, генерал-потполковник Ахмед Шариф Чаудри ги потврдил извештаите за нападите наведувајќи дека Пакистан ќе продолжи да прави сè што е неопходно за да ги заштити животите на народот на земјата.
Двете земји делат речиси 2 600 километри гранична линија, која минува низ тешко пристапна планинска територија, позната како „линија Дуранд“.