Од МОН велат дека освен пораките што ќе се споделуваат преку медиумите и социјалните мрежи за важноста на наставниците и на знаењето кое го пренесуваат, во рамки на кампањата ќе се реализираат и повеќе стручни собири, панел дискусии и работилници низ кои ресорното министерство ќе допре до секој ученик, родител и наставник, со цел, како што велат оттаму, да се врати сјајот и достоинството на најважната професија

Министерството за образование на Светскиот ден на учителите, 5 октомври, најавува кампања за подигнување на јавната свест за сважноста на знаењето и улогата на наставниците во општеството.
Почетокот на кампањата насловена „Магијата е во знаењето“ беше означен со две тематски панел дискусии посветени на институционалниот пристап кон образованието, статусот на наставниците, нивните предизвици и потреби, како и начинот на кој општеството ги вреднува нивната посветеност и влијание.
Ресорната министерка, Весна Јаневска, порача дека просветните работници се исклучително важни во обликувањето на иднината на децата и на државата и токму затоа, рече таа, институциите заедно со партнерските организации се трудат да го подобрат нивниот општествен и економски статус и да го вратат дигнитетот на наставничката професија.
„Да бидеш наставник не е само обична професија. Наставникот е човекот кому родителите му го доверуваат највредното што го имаат, за да му ја обликува иднината, односно да му пренесе знаења и вештини кои се применливи, во чекор со времето, со науката, технологијата и потребите на пазарот на труд. И токму тука почнува улогата на образовните политики кои треба да обезбедат подготвен, мотивиран наставник, со морален и интелектуален авторитет, кој ќе успее да ја стекне довербата на учениците, да ги интригира и да им овозможи да го реализираат полниот потенцијал“,
рече Јаневска.

Од МОН велат дека освен пораките што преку медиумите и социјалните мрежи ќе се споделуваат за важноста на наставниците и на знаењето кое го пренесуваат, во рамки на кампањата ќе се реализираат и повеќе стручни собири, панел дискусии и работилници низ кои ресорното министерство ќе допре до секој ученик, родител и наставник, со цел, како што велат оттаму, да се врати сјајот и достоинството на најважната професија.
