Според БГНЕС, само сопствениците на изгубеното богатство, нивните роднини и специјално ангажиран тим имаат право да го пребаруваат подрачјето. Во обемната операција е вклучена тешка опрема, вклучувајќи багер кој пребарува тони песок и тиња, како и тим професионални нуркачи кои го истражуваат морското дно во близина на брегот

Зголемена полициска контрола има во приморскиот град Царево во Бугарија откако се проширила веста дека по поплавите што го зафатија овој реон има исчезнат сеф во кој имало два милиони лева и златни прачки.
Како што пишува бугарски БГНЕС, од утринава властите имаат преземено строги мерки за ограничување на пристапот до плажите, претворајќи ги во забранета зона за „стотици авантуристи кои доаѓаат со надеж дека брзо и лесно ќе се збогатат“.
На сите влезови во Царево од утринава биле поставени контролни полициски пунктови на кои темелно се проверува секој автомобил и не е дозволен влез во градот на луѓе кои не можат да докажат валидна причина за нивната посета.
На самата плажа, каде што се верува дека поплавата го исфрлила или скршила вредниот сеф, е поставена уште една контрола од полицајци кои патролираат по брегот и не дозволуваат движење на никој друг освен на оние што се директно вклучени во потрагата.
Според БГНЕС, само сопствениците на изгубеното богатство, нивните роднини и специјално ангажиран тим имаат право да го пребаруваат подрачјето. Во обемната операција е вклучена тешка опрема, вклучувајќи багер кој пребарува тони песок и тиња, како и тим професионални нуркачи кои го истражуваат морското дно во близина на брегот.
Во написот на БГНЕС се вели дека според неофицијални информации се пронајдени документи што им припаѓаат на сопствениците. Овој факт ги зајакнува стравувањата дека сефот не можел да ја издржи моќта на брановите и се скршил, расфрлајќи ја неговата содржина – снопови пари и златни прачки – во морето.
„Ако само ја пронајдат металната кутија, тоа ќе биде крај на надежта. Ќе знаат сигурно дека сè е изгубено“,
изјави за БГНЕС локален жител кој ги гледал пребарувачките напори.
Во моментов останува нејасно колку долго ќе продолжи полициската блокада на плажата. Службениците за спроведување на законот одбија да дадат официјален коментар, но е јасно дека мерките ќе останат на сила додека не заврши операцијата за пребарување.
Во поплавите што го зафатија бугарскиот црноморски брег загина четири лица, а стотици луѓе напуштија своите домови.
Делови од крајбрежниот регион се тешко оштетени, порои однесоа автомобили и приколки во морето и поплавија куќи, хотели и кампови.
Бугарските власти прогласија вонредна состојба во неколку градови долж брегот на Црното Море, а јавниот превоз е во прекин поради поплавени патишта.
По поплавите што го зафатија источниот сосед, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во телефонски разговор со нејзиниот бугарски колега Румен Радев, рекла дека Република Северна Македонија е подготвена да даде поддршка во справувањето со последиците од поплавите.