Министерството за внатрешни работи соопшти дека за изминатите 24 часа одговорено е на 340 повици за предизвикана штета, од кои 218 за паднати дрвја, 100 за поплавување и 22 за евакуација

Поплавите што зафатија делови од Југоисточна Бугарија и Црноморскиот брег однесоа најмалку три животи и принудија стотици луѓе да ги напуштат своите домови, соопштија бугарските власти.
Министерот за внатрешни работи, Даниел Митов, потврди дека меѓу трите жртви се двајца спасувачи кои загинале додека пружале помош во крајбрежното одморалиште Елените, кое е најсилно погодено од невремето.
Делови од крајбрежниот регион се тешко оштетени, порои однесоа автомобили и приколки во морето и поплавија куќи, хотели и кампови.
Бугарските власти прогласија вонредна состојба во неколку градови долж брегот на Црното Море, а јавниот превоз е во прекин поради поплавени патишта.
Најтешка останува состојбата во округот Бургас, особено во Царево, Свети Влас и Елените. Поради паднати дрвја, дел од патиштата се затворени, а десетици населби се отсечени.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека за изминатите 24 часа одговорено е на 340 повици за предизвикана штета, од кои 218 за паднати дрвја, 100 за поплавување и 22 за евакуација.
Полициските, жандармерските и противпожарните служби евакуирале над 100 луѓе во погодените населби, меѓу кои 17 деца.
Над 80 населби се без електрична енергија.
Состојба на катастрофа е прогласена во општините во регионот на Бургас, Монтана, Видин, Перник и Крџали, а вонредна состојба во Несебар, Царево, Перник и Крџали.
Бугарското МВР соопшти дека ситуација во регионот на Бургас постепено се нормализира. На терен се ангажирани дополнителни сили и припадници на армијата за помош на локалните власти.
Во североисточниот дел од земјата и денеска е прогласен жолт аларм за можно невреме, а внимателно се следат и водотеците во сливот на реките Тунџа, Јантра и Марица.