Во објавата на ИРЛ беа презентирани комуникации меѓу вработени лица и даночен обврзник, кои укажуваат на можност за оддавање даночна тајна, како и неовластено информирање за претстојни контроли и координирани активности со други надлежни институции

По изнесените наводи во објавата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, Управата за јавни приходи (УЈП) спровела внатрешна проверка и донела решение да ги суспендира вработените лица опфатени со случајот сè додека трае постапката за утврдување на фактичката состојба, јави МИА.
„Оваа мерка е преземена со цел заштита на институционалниот интегритет, угледот на Управата и довербата на граѓаните“,
посочиле од УЈП за МИА.
Во објавата на ИРЛ беа презентирани комуникации меѓу вработени лица и даночен обврзник, кои укажуваат на можност за оддавање на даночна тајна, како и неовластено информирање за претстојни контроли и координирани активности со други надлежни институции.
„Ваквото однесување претставува сериозно прекршување на Кодексот на однесување на вработените во УЈП. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на принципите на законитост, транспарентност и професионализам, и ќе продолжи да спроведува нулта толеранција кон секое однесување што ги нарушува овие вредности. Граѓаните можат да бидат уверени дека УЈП ќе продолжи да дејствува исклучиво во јавен интерес, со највисоко ниво на етика, одговорност и отчетност“,
нагласуваат од УЈП.
ИРЛ во неделата објави документарен филм за пожарот во Кочани во кој беа споменати вработени лица на УЈП на начин што упатува на непочитување на законските прописи и интерните акти на институцијата.
Дополнително, едно од лицата што се јавува во комуникацијата, а кое е државен службеник, е брат на Даниела Димовска, актуелна в.д. претседателка на Основниот кривичен суд Скопје, каде што со одлука на Врховниот суд треба да се суди предметот за пожарот во Кочани.