Најави дека во Чаир е време за решавање на сообраќајниот хаос и проблемите со паркирањето, како и на проблемот со чистотата, но и изградба на нови градинки и воведување едносменска и целодневна настава во училиштата
Ова не е само моја кандидатура за градоначалник, ова е почеток на една мисија за ослободување од еднопартискиот монопол во Општина Чаир, рече на денешната прес-конференција пред плоштадот „Скендербег“, кандидатот за градоначалник на општина Чаир од редовите на коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, на денешното претставување на неговата програма за претстојните локални избори.

„Ова е мисија за кршење на стариот, корумпиран систем на една партија што ги држеше Албанците и сите граѓани на Чаир во зависност, страв и неизвесност“,
вели тој.
Според него, Чаир не заслужува да биде само поле за остварување на празни политички кариери и не заслужува делегирани раководители што спроведуваат туѓи политички агенди.
„Денес стојам пред вас, како еден од вас. Како ваш сосед, пријател, соборец. Стојам овде за да го објавам моето враќање во Чаир. Моето враќање на местото каде припаѓам, меѓу луѓето на кои им припаѓам, во срцето на Чаир“,
кажа Меџити.
Посочи и дека можеби многумина се прашуваат зошто се кандидира за градоначалник, но додаде дека одговорот е јасен, оти неговата најголема должност не е кон функцијата, туку кон луѓето.
„Затоа што видов дека одлуките за нашата иднина не смеат повеќе да се носат во затворени канцеларии, далеку од реалните потреби на граѓаните. Чаир заслужува работа, визија и конкретни дела“,
вели тој.
Неговата мисија, како што додаде, е Чаир да стане модерна, функционална и европска општина, место каде секој граѓанин ќе живее достоинствено, па затоа нивната програма не е список на желби, туку конкретен и остварлив план.
Најави дека во Чаир е време за решавање на сообраќајниот хаос и проблемите со паркирањето, како и на проблемот со чистотата, но и изградба на нови градинки и воведување на едносменска и целодневна настава во училиштата.
„Време е за културни фестивали, жива Чаршија, отворено културно скопско Кале. Време е за Чаир како студентски, образовен и културен центар за Албанците“,
вели кандидатот за градоначалник на оваа скопска општина од ВЛЕН.
Оваа општина, додаде, веќе е високо на агендата на Владата, зашто е обезбедено откочување на сите проекти и фондови што се однесуваат на неа, но и на општините каде што живеат Албанците во државата.
„Чаир веќе е градилиште. Тоа го гледате околу вас. Време е за работа, за реализација на проекти, за инвестирање на обезбедените фондови и средства“,
вели Меџити.
Во неговата програма се најавува изградба на подземен паркинг кај плоштадот „Скендербег“, катна гаража кај комплексот „Чаирчанка“, како и монтажни гаражи во населбите Топанско Поле и кај салата „Партизан“.
Се предвидува и проширување на клучните улици во општината, како „Цветан Димов“, со цел да се олесни движењето по неа.