Според Петровска, по 15 месеци од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија не е помрдната од мртва точка во поглед на евроинтеграциите, иако владејачката партија, како што посочи таа, за време на изборите во 2024 година ветуваше репреговарање на Преговарачката рамка и подобри позиции за државата
Резолуцијата на СДСМ и претседателот Венко Филипче за црвените линии е подадена рака за заедништво и заеднички исчекор за иднината на државата, истакна пратеничката Славјанка Петровска во емисијата „24 Анализа“ на телевизија 24.

„СДСМ од позиција на опозиција смета дека треба да подаде рака, бидејќи има чувство за државата и за граѓаните, кои секојдневно бегаат од државата. За македонскиот идентитет никогаш не се преговара, ниту за македонскиот јазик и секогаш тие мора да бидат заштитени. Ова треба да го сметаат како подадена рака, која очигледно ВМРО-ДПМНЕ не ја заслужува, но должни сме да го направиме тој исчекор, пред сè, заради државата“,
порача Петровска.
Според Петровска, по 15 месеци од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија не е помрдната од мртва точка во поглед на евроинтеграциите, иако владејачката партија, како што посочи таа, за време на изборите во 2024 година ветуваше репреговарање на Преговарачката рамка и подобри позиции за државата.
Петровска повика сите партии внимателно да ја разгледаат предложената резолуција и да дадат свои забелешки.
„Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ полека но сигурно ги троши џокерите кај граѓаните. Препораката или замолницата од Венко Филипче е да не се злоупотребува во изборната кампања. Ова нека биде период во кој сите политички партии и општествени чинители ќе ја разгледуваат предлог-резолуцијата и ќе дадат свои забелешки. Финалниот производ, кој не треба да биде ничиј белег, бидејќи европската интеграција не е процес контролиран само од една политичка гарнитура, ќе придонесе сите заедно понатаму да го продолжиме патот на европската интеграција“,
истакна пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера ја претстави предлог-резолуцијата за утврдување на националните позиции во однос на евроинтеграцискиот пат на земјава.
Резолуцијата за т.н. црвени линии за земјава, која опозициската партија ја најавуваше подолг период, како што рече Филипче, се фокусира на два аспекта.
Првиот се однесува на почитување на определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската Унија. Вториот – дека земјава е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка со ЕУ, со исполнување на уставните измени, без прифаќање нови барања од билатерален или идентитетски карактер.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, најави дека по завршувањето на локалните избори во Собранието ќе предложат т.н. македонска резолуција, која ќе има за цел да ги штити македонските национални интереси.
Тој посочи дека имал кратко време да го прочита документот што СДСМ го достави во Собранието и немал време да навлезе во детали бидејќи за тоа, како што рече, ќе се дискутира по изборите.