Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата известува дека од денеска стапуваат во сила новите измени на ЗБСП кои се усвоени со цел да се унапреди безбедноста на најранливите категории на учесници во сообраќајот и да се намали бројот на случени сообраќајни незгоди како последица на невнимателно однесување во сообраќајот

Пешаците кои преминуваат коловоз и разговараат на мобилен телефон, користат слушалки за разговор во двете уши, паметен часовник или таблет од денеска ќе бидат санкционирани. Истите законски мерки важат и за возачи на велосипед, мопед, мотоцикл, трицикл и четирицикл, кои, според законот, за време на управувањето не смеат да користат електронски уреди.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата известува дека од денеска стапуваат во сила новите измени на ЗБСП, кои се усвоени со цел да се унапреди безбедноста на најранливите категории учесници во сообраќајот и да се намали бројот на случени сообраќајни незгоди како последица на невнимателно однесување во сообраќајот.
„Новите законски решенија се воведуваат во насока на елиминирање на одредени навики кај пешаците и возачите од определени категории возила. Со новиот закон, меѓу другото, е предвидено и дека возачот на електричен тротинет за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид на електронски уред со кој би му се намалила стабилноста и можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови“,
посочуваат од РСБСП.
Ова, според РСБСП, подразбира поставување нови стандарди за одговорно однесување во сообраќајот, при што пешаците, велосипедистите, возачите на електрични тротинети и другите учесници во сообраќајот предвидени со законското решение, се обврзуваат да учествуваат во сообраќајот без да користат електронски уреди кои им го одвлекуваат вниманието.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата нагласува дека целта на ваквите законски измени е создавање услови за поголема безбедност, намалување на ризиците и заштита на човечките животи. Советот упатува апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.