Саркози, кој тврди дека случајот е политички мотивиран, беше обвинет за користење на парите на Гадафи за финансирање на неговата победничка изборна кампања во 2007 година. Обвинителите тврдат дека 70-годишниот Саркози ветил за возврат дека ќе му помогне на Гадафи да го подобри својот углед во западните земји. Тој беше француски претседател од 2007 до 2012 година
Поранешниот француски претседател Никола Саркози е прогласен за виновен за криминален заговор во случај поврзан со наводно примање милиони евра нелегални средства од покојниот либиски лидер Моамер Гадафи, објави Би-би-си.

Парискиот кривичен суд во исто време го ослободи од сите други обвиненија, вклучувајќи пасивна корупција и нелегално финансирање на кампањата.
Саркози, кој тврди дека случајот е политички мотивиран, беше обвинет за користење на парите на Гадафи за финансирање на неговата победничка изборна кампања во 2007 година. Обвинителите тврдат оти 70-годишниот Саркози ветил дека за возврат ќе му помогне на Гадафи да го подобри својот углед во западните земји. Тој беше француски претседател од 2007 до 2012 година.
Истрагата беше покрената во 2013 година, две години откако Саиф ал-Ислам, син на тогашниот либиски лидер, првпат јавно го обвини Саркози дека земал милиони од парите на својот татко за да ја финансира својата кампања.
Една година подоцна, либанскиот бизнисмен Зијад Такиедин, кој долго време дејствуваше како посредник меѓу Франција и Блискиот Исток, изјави дека имал писмени докази оти кампањата на Саркози била во голема мера финансирана од Триполи. Тој тврдеше дека исплатите во вредност од 50 милиони евра продолжиле откако Саркози станал претседател.
Минатата година, сопругата на Саркози, поранешната италијанска манекенка и пејачка Карла Бруни-Саркози, исто така беше обвинета за прикривање докази во случајот со Гадафи и заговор со криминалци за извршување измама. И двајцата ги негираат сите обвиненија.
Откако го изгуби својот втор мандат во 2012 година, Саркози беше цел на неколку кривични истраги.
Тој, исто така, поднесе жалба на пресудата од февруари 2024 година со која беше прогласен за виновен за прекумерно трошење пари во неговата кампања за реизбор во 2012 година и ангажирање на ПР-фирма за да го прикрие тоа. Тој беше осуден на една година затвор, од кои шест месеци беа условни.
Во 2021 година, Саркози беше прогласен за виновен за обид за поткуп на судија во 2014 година, што го прави првиот поранешен француски претседател осуден на затвор. Во декември, Апелацискиот суд во Париз пресуди дека тој може да ја издржува казната во домашен притвор со електронски мониторинг.