Златна „Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност му беше доделена на турскиот режисер Сами Капланоглу
Со проекција на филмот „Мајка“ на режисерката Теона Стругар-Митевска беше отворено новото 46-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Годинава фестивалот се одржува под мотото „Сон на платно“, што совршено ја одразува суштината на доблестите што ги славиме, порача претседателката Гордана Силјановска-Давкова во обраќање преку видеопорака.
„Овој фестивал несомнено е еден од највредните и најпрепознатливите битолски, македонски но и светски културни симболи. Тој е уникатна сцена на која се слави снимателот како автор, креатор, тивок но моќен градител на секоја филмска приказна. Снимателот е сестран уметник, тој ја визуелизира идејата, со камерата компонира, црта емоција, диктира ритам и креира атмосфера. Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ не е само прослава на мајсторството на кинематограферите, туку поттик за оние што ќе се одважат допрва да го освојат филмскиот врв преку објективот“,
порача Силјановска-Давкова.

Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) годинава востанови ново фестивалско признание, награда Златен медал „Браќа Манаки“, која беше доделена на филмскиот критичар Благоја Куновски Доре.
„Особено ме исполнува тоа да сум дел од таа организација на филмаџиите и што сум дел од овој наш фестивал кој е еден од ретките, можеби единствен амбасадор на македонската култура. Филмовите и нивните автори сум ги доживувал како мисионери во поставувањето на еден подобар, поубав, похуман и подостоинствен свет во кој живееме,“
порача Куновски.

Специјалната Златна „Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност му беше доделена на турскиот режисер Сами Капланоглу.
„За мене филмот отсекогаш бил јазикот на светлината и сенките, на тишината и гласот, на сеќавањето и сништата, затоа што уметноста е дел од најдлабоките патишта што придонесуваат кон духовниот развој на човечкото суштество,“
рече Капланоглу.
Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ завршува на 26 септември со проекција на филмот „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски.