По првите добиени пријави за заболени лица, епидемиолог на ЦЈЗ Куманово и подрачните единици Куманово на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на 15 септември извршиле надзор во гостилницата и зеле брисови и мостри од храна за микробиолошко испитување
Центарот за јавно здравје Куманово (ЦЈЗ) пријави епидемија на труење со храна кај шест лица.
Се работи за лица што минатиот четврток (11 септември) присуствувале на семинар, обука на фирма, кој се одржал во ресторан во Куманово. На настанот имало вкупно 36 учесници, а шестмина од нив пројавиле симптоми на труење со храна – повраќање, дијареја, треска, температура до 41 степен, болки и грчеви во стомакот.

Од кумановскиот центар за јавно здравје посочуваат дека по консумирање на храната од ресторанот вечерта на 11 септември, лицата ги развиле симптомите на труење со храна по четири до 16 часа.
„Двајца од нив се хоспитализирани, тројца се на дневна болница, а еден е на домашно лекување“,
наведуваат од ЦЈЗ Куманово.
По првите добиени пријави за заболени лица, епидемиолог на ЦЈЗ Куманово и подрачните единици Куманово на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на 15 септември извршиле надзор во гостилницата и зее брисови и мостри храна за микробиолошко испитување.
„Преземени се сите хигиено-епидемиолошки соодветни противепидемиски мерки. Објектот е затворен до добивање негативни резултати на испитуваните материјали“,
соопштија од ЦЈЗ Куманово додавајќи дека епидемиолошката состојба се следи.