При соборувањето на бистата, која на себе имала два човечки лика во седечка положба, осомничените ја оштетиле и самата платформа на гробот и го осквернавиле гробното место
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе постапка против четири лица осомничени за тешка кражба и сквернавење гроб. Изнесувајќи детали за настанот, од Обвинителството наведуваат дека четворицата осомничени на 17 септември од алејата на заслужни граѓани на градските гробишта во Бутел успеале ја да откорнат бронзената биста од платформата на гробот на починатите Стале Попов и Бранка Поповска.

При соборувањето на бистата, која на себе имала два човечки лика во седечка положба, осомничените ја оштетиле и самата платформа на гробот и го осквернавиле гробното место.
„Откако бистата ја собориле на земја, ја влечеле до жичената ограда каде што претходно направиле отвор и преку отворот ја префрлиле бистата и ја натовариле во автомобил, со намера да ја присвојат“,
наведуваат од Обвинителството додавајќи дека проценетата вредност на бистата во сопственост на наследничка на починатите изнесува околу 320 000 денари.
Оттаму додаваат дека јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување притвор за четворицата осомничени.
За случајот претходно информираше и МВР наведувајќи дека четворицата осомничени на возраст од 22, 26 и 49 години биле приведени попладнето на 17 септември откако во автомобил „пежо“ со скопски регистрации била пронајдена и одземена бронзена биста која претходно ја одзеле од гробиштата во Бутел.