Според најавите на српската армија, воениот рок треба да трае 75 дена. Тој ќе биде задолжителен за мажите, а можноста за доброволно пријавување е наменето за жените. Се планира да се воведат и специфични форми на служење воен рок за оние со техничко и технолошко познавање, кои би можеле да бидат ангажирани во единици специјализирани за управување со беспилотни летала и други модерни технологии
На почетокот на следната година може да се очекува првата генерација што ќе отслужи задолжителен воен рок во Србија, најави вчеравечер српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ.
За таа цел, како што рече, српската армија подготвува повеќе од 120 простории и работи на унапредување на воени станици.

Според него, овој процес не е лесен или, пак, евтин и потребно е усогласување на повеќе законски акти.
„Почнавме со подготовка на Министерството за одбрана, пред сè на законските и подзаконските акти што треба да ги донесеме во наредниот период. Очекувам дека на есенската сесија во собранието ќе влеземе со нов пакет закони за војската. Некаде во периодот од јануари до март, првата генерација на војници треба да почне со отслужување на задолжителен воен рок“,
рече тој.
Според најавите на српската армија, воениот рок треба да трае 75 дена. Тој ќе биде задолжителен за мажите, а можноста за доброволно пријавување е наменето за жените.
Се планира да се воведат и специфични форми на служење воен рок за оние со техничко и технолошко познавање, кои би можеле да бидат ангажирани во единици специјализирани за управување со беспилотни летала и други модерни технологии.
Предвидено е регрутите да поминат 60 дена во обука, а 15 дена на завршни воени вежби.
Повторното воведување на воената служба, според српската влада, претставува значаен чекор кон зајакнување на одбранбените капацитети на земјата.
За утре во Белград е најавено одржување на воена парада.
Генералштабот на српските вооружени сили уште минатата година покрена иницијатива и му предложи на претседателот на земјата Александар Вучиќ, како врховен командант, повторно да се воведе обврската за служење на воен рок до четири месеци.
Задолжителниот воен рок во Србија беше укинат на 1 јануари 2011 година и оттогаш во војска одат само оние што доброволно ќе се пријават.