За првиот осомничен, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, а за останатите тројца е побарано да се одреди куќен притвор
Министерството за внатрешни работи (МВР) до ОЈО Скопје денеска поднесе кривични пријави против четворицата осомничени – М. Д. (56), Л. Д. (26), В. М. (43) и З. С. (59), како и против фирма со седиште во Трубарево за кривичното дело – загрозување на животната средина и природата со отпад
По анализа на сите докази во предистрагата, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје денеска поведе истрага против четири лица и една фирма за кривично дело – загрозување на животната средина и природата со отпад, во врска со пожарот што во саботата избувна во објект на фабрика за електронски отпад во скопско Трубарево.
За првиот осомничен, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, а за останатите тројца е побарано да се определи мерката куќен притвор.

Како што соопштија од Обвинителството, првиот осомничен, иако формално не бил запишан како управител на фирмата каде непрописно се складирал отпадот, сепак реално настапувал и преземал правни дејствија во односите со трети лица.
„Како управител на друго правно лице, тој го избирал правниот субјект каде формален управитетел била неговата ќерка како мнозински коминтент за складирање на отпад, го организрал целото работење и ги извршувал одлуките еоколу работењето, а оттука имал и обврска да се грижи за законитоста на работењето на друштвото и подружницата за рециклирање“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Затоа, во истрагата се опфатени тој и неговата ќерка, како соизвршители што постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина и вршеле повеќекратно оставање, фрлање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска или електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад.
Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот, односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери.
Третиот осомничен е овластеното лице, раководител на подружница, кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирање и обработка на електричниот отпад.
Четвртиот осомничен не бил формално вработен во фирмата, но и покрај тоа преземал дејствија со кои организирал понатамошно одлагање на електронскиот отпад.
Тој примал, складирал, сортирал и механички обработувал електричен отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.
Откако објектот со непрописно складиран отпад на 13 септември се запали, а поради обемот и опасноста пожарот не можеше да се стави под контрола и зафати најголем дел од складираниот електричен отпад, како и објектите на подружницата за рециклирање, според Обвинителството, согорувањето придизвика масовно испуштање чад, пепел и гасови во амбиенталниот воздух.
„Како последица на тоа, со извршените мерења на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата и на Државниот инспекторат за животна средина утврдена е висока загаденост“,
пишува во соопштението од Обвинителството.
Од Обвинителството соопштија и дека продолжува да се испитува и потенцијална одговорност и на други лица, како и дека јавен обвинител издава наредби за обезбедување докази.