Според деталите за случајот што ги објави Министерството, вработената во МВР во текот на 2024 година се договорила со контролорот во станицата за технички преглед тој да наоѓа возачи што ги управуваат своите возила со странски регистарски таблички во државава, а потоа за половина од сумата предвидена за давачки да ги регистрираат во системот на земјава
Секторот за внатрешни работи (СВР) Куманово поднел кривична пријава против 11 лица кои се товарат за повеќе кривични дела поврзани со малверзации при регистрација на половни возила со странски регистарски таблички во државава.

Кривичната пријава, како што информираа попладнево од Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство Куманово е поднесена во соработка со Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР.
Имено, првопријавената во случајот М.П. (43) е вработена во МВР – Одделение за управни работи Куманово и се сомничи за кривично делото злоупотреба на службена положба и овластување, додека второпријавениот Ф.Т. (29) е вработен како контролор во станица за технички прегледи во Куманово. Тој, според МВР, се сомничи за фалсификување исправа и употреба на исправа со невистинита содржина..
Според деталите за случајот што ги објави Министерството, вработената во МВР во текот на 2024 година се договорила со контролорот во станицата за технички преглед тој да наоѓа возачи што ги управуваат своите возила со странски регистарски таблички во државава, а потоа за половина од сумата предвидена за давачки да ги регистрираат во системот на земјава.
Пријавениот Ф.Т. сопствениците на возилата ги наоѓа заедно со уште еден од пријавените со иницијали Б.П.
„За половина од цената што треба да ја платат на име царински и други давачки за увоз на половни моторни возила, М.П. ги регистрирала и внесувала во електронскиот систем на регистрирани моторни возила без да ги платат давачките за увоз на половни моторни возила, за сообраќајна дозвола, административни такси, такса за користење регионални и локални патишта и надомест за издавање на регистарски таблички“,
се наведува во соопштението од МВР.
Второпријавениот Ф.Т., користејќи го своето работно место, а откако претходно се договорил со деветмина од останатите пријавени изготвувал електронски табели налик на табелата која се издава од Бирото за метрологија при издавање на хомологација за возила увезени од странство, во кои внесувал податоци за возилата.
Според Министерството за внатрешни работи, останатите пријавени се сомничат за кривични дела прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама и давање лажен исказ.