Продолжува сагата со фирмата „Супер возач“ на младиот кичевец Филип Митрески – партиски активист и член на советот на Oпштина Кичево од ВМРО-ДПМНЕ. МВР во мај му ја додели лиценцата за спроведување возачки испити во Пелагонискиот регион, но во август истото МВР на „Супер возач“ му изрече 30-дневна забрана за работа. Може ли во Пелагонија во моментов да се полага и да се добие возачка дозвола? Погледнете го видеото
„Испитниот центар нема да закажува и спроведува испити од 12 август најдоцна до 13 септември.“
Вакво известување минатиот месец осамна на интернет-страницата на „Супер возач“ од Битола. Два дена по истекот на рокот, на 15 септември, отидовме во Битола за да провериме дали единственото место за полагање возачки испити во Пелагонискиот регион повторно почна со работа.
Седиштето е лоцирано веднаш до познатото кабаре „Голд Фелиција“. Вратите на „Супер возач“ беа отворени, но, два дена по истекот на рокот за пауза, што од „Супер возач“ сами го наведоа, во нивното седиште не затекнавме никој. Нема ниту известување кога би профункционирал испитниот центар.
Застојот ги револтира засегнатите.
„Пет месеци се чекаше претходно, сега се чека уште еден месец, искрено, премногу револтира.
360°: Трпите штета, дали ви пропаднаа некои од полагањата?
Од полагањата да, искрено и со пари не знам како ќе се вратат тие работи.“
„Многу време зазема и многу време се чека да се земе возачка.“
„Возачка сакам да земам, нејќам следна година да земам, сега наполнив 18 пред еден месец и сакам да земам, ми треба.“
велат дел од кандидатите за возачи кои ги затекнавме пред испитниот центар.
На телефонскиот број на Испитниот центар, се вклучуваше снимена порака, а на нашите телефонски повици, не одговора ниту сопственикот и управител, Филип Митрески.
Добивањето возачка дозвола во Пелагонија стана тешка мисија, откако во декември минатата година истече лиценцата на претходниот оператор – Сообраќаен испитен центар АМ и почна заплет со доделувањето на нова лиценца. Уште кон крајот на 2024 се распиша нов конкурс на кoj, освен дотогашниот оператор, се пријави и нова фирма „Супер возач“, но обидот пропадна оти според МВР, никој од пријавените не ги исполнувал критериумите. На повторениот конкурс, МВР се одлучиле за втората компанија – „Супер возач“, чиј сопственик е фирма на младиот Филип Митрески од Кичево кој е советник во Општина Кичево од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Откако во јуни објавивме за изборот на нов оператор, следуваа партиски реакции од Левица и СДСМ – дека МВР го наместиле милионскиот бизнис на партиски активист и локален функционер.

Од друга страна, пак, МВР добиле и претставки од граѓани за нерегуларно работење на „Супер возач“. Постапиле, затекнале недоследности и го затвориле испитниот центар на 30 дена.
360°: Ќе проработи ли испитниот центар?
Ќе проработи. На овој истиов, Министерството за внатрешни работи му донесе забрана за работа во траење од 30 дена мислам дека така беше, заради тоа што по неколку месеци откако ја добил лиценцата не ги испочитувал условите коишто требало да ги испочитува за да функционира овој испитен центар.
360°: Има ли, внатрепартиска, внатре ВМРО-вска препирка тука во овој случај? Некој да е некому лут затоа што ја додели лиценцата, па сега да му враќа со забрана за работа? Има еве сега, ние сме мала држава, се зборува за тоа дека имате одредено ривалство, анимозитет во односите со директорот на БЈБ Александар Јанев, којшто патем беше спомнуван како еден од можните кандидати за министер за внатрешни работи пред вие да станете министер, и дека и на овој случај се пресликува тоа ривалство.
Ја разбирам дека чаршиски муабет во Македонија е вака многу честа, честа појава, да не речам трач-муабет, ама навистина конкретнава вака хипотеза којашто ја поставивте е нелогична согласно законскиве овластувања коишто ги имаме.
кажа министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во интервју за „360 степени“.

Интересено е и како „Супер возач“ успеа да го добие милионскиот бизнис во Пелагонија. Уште кога со конкурентот СИЦ АМ, аплицирале на огласот на МВР, должни биле да исполнат низа услови, меѓу кои и да обезбедат полигон за секое пријавно место. Во Пелагонискиот регион, тоа го вклучува и Ресен. А, Ресен има само еден полигон. Тој е на Друштвото за обука на кандидати за возачи „Автошкола“ ДООЕЛ Здружение на возачи – Ресен. Сопственичка и управителка е Билјана Бузлевски, сопруга на Александар Бузлевски – кандидат на СДСМ за градоначалник на Ресен и син на Димитар Бузлевски, поранешен градоначалник на Ресен. Сето ова е важно затоа што газдите на полигонот во Ресен потпишале договор за изнајмување на објектот со фирмата на функционерот на ВМРО-ДПМНЕ од Кичево – „Супер возач“. Но, не му го изнајмиле објектот и на другиот конкурент на конкурсот, СИЦ АМ, со што практично пресудиле кој ќе ја добие лиценцата.

Поради ова, од СИЦ АМ се жалеа пред Комисијата за заштита на конкуренцијата и добија Конечно известување за утврдена фактичка состојба, документ во кој „360 степени“ имаше увид. Во него се вели дека Здружението на возачи од Ресен на Бузлевска ја злоупотребило доминантната позиција и сторило потешки прекршоци. Толкувањето на Комисијата е дека полигонот е инфраструктурен објект кој не може неоправдано да не се отстапи на друго правно лице за соодветен надомест.
„Како единствено правно лице кое има одобрение за исполнетост на услови за автосообраќаен полигон на територијата на градот Ресен… злоупотребувајќи ја својата доминантна положба на пазарот неоправдано одбил да му овозможи пристап во сопствената мрежа или други инфраструктурни објекти за соодветен надомест, па на АМ ДООЕЛ Битола му било оневозможено да дејствува како конкурент на дадениот релевантен пазар“,
нотирала Комисијата.
Министерот за внатрешни работи пак, тоа го дефинира како „менталитет на балканецот“.
„Досега немам најдено, искрено, законско решение кое што би требало да даде додадена вредност, особено имајќи го менталитетот на балканецот. Има законски решенија коишто функционираат нели во европски земји, ги разгледувавме и така натаму, но познавајќи го нашиот менталитет и нашата виртуозност за тоа како да одредени професионални стандарди ги изиграме, јас сè уште немам најдено соодветно решение кое што, кое што да речеме дека би дало додадена вредност. А што треба да биде тоа? Највероватно треба да биде јавно-приватно партнерство помеѓу државата и одредено приватно лице, кое што ќе треба и те како да даде дебела банкарска гаранција дека доколку не дај Боже направи некој еве ваков пропуст кој што го направи претходново, па притоа го отстрани и повторно стори такво нешто, дека ќе му биде задржана банкарска гаранција како обештетување од страна на државата“,
вели Тошковски.
Законот предвидува парична казна од 10 отсто од вкупниот годишен приход, а во конкретниот случај, казната за фирмата на Бузлевска од Ресен за нарушување на конкуренцијата изнесува околу 12 000 евра. Но, случајот со „Супер возач“ отвора дилема – дали може со злоупотреба на доминантна позиција да се елиминира конкуренција за милионски бизнис, а за тоа да се плати само симболична казна?
Универзитетскиот професор Горан Коевски вели дека законот е добар и дека во тој домен, целосно е пресликано правото на Европската Унија.
„Немаме некоја разлика во поглед на Европа, и кај нив важи тоа правило, 10 проценти од вкупниот годишен остварен приход, дека може да биде максималната казна која ќе се изрече. Е сега, во зависност од тоа колку остварува вкупен приход одредено друштво на пазарот, ааа не би рекол дека е мала ако се изрече максимумот од 10 проценти. Нели, тука има некакви индикатори дали тоа може да се ублажи, колку време трае таа повреда и така натаму. Инаку, сама по себе доминантната позиција на пазарот не е казнива. Казниво е доколку ја злоупотребувате на штета на други учесници на пазарот. Така што тоа е повторно од договорот за функционирање на Европската Унија, тоа се членовите 101 и 102, исто се пресликани до збор. Така што сметам дека законските решенија во Законот за заштита на конкуренцијата се сосема добри во тој поглед“,
вели тој.

Но, што фајде за оние кои загубиле бизнис поради злоупотреба на доминанта позиција? И, каква е користа за јавноста бидејќи целта на отворената постапка е да се избере најдобриот понудувач?
Професорот Коевски вели – правда и евентуално обештетување може да се бара низ други законски одредби.
„Доколку како едно претходно прашање се утврди дека одреден субјект ја злоупотребува својата доминантна позиција, оштетената страна може да го тужи тој субјект за надомест на штета заради тоа што му е оневозможено или му е отежнато остварувањето, односно вршењето на својата дејност. Исто така, ние имаме многу добри решенија, меѓутоа во праксата за жал не се применуваат. Имате и во Кривичниот законик. Нарушување на рамноправна положба на учесниците на пазарот, нарушување на конкуренцијата. Имате од неколку месеци до неколкугодишни казни затвор за одговорните лица во правните лица коишто ја нарушуваат рамноправноста на учесниците, субјектите на пазарот. Така што, таа лепеза на можни правни лекови не би рекол дека е толку мала.“
Пелагонискиот регион е трет од осумте плански региони во земјава. Во просек, тоа значи годишен прилив на околу 3 000 кандидати за возачи, а секој што сака да добие возачка дозвола почетно треба да издвои 42 000 денари, што вклучува лекарско уверение и обука во авто школа. Сепак, ретко кој ги положува сите испити „од прва“, па вкупно во просек годишно има и до 10 000 тестирања, што го прави бизнисот доходовен.
Какви нерегуларности отстрануваат во „Супер возач“ прашавме писмено.
„Утврдени се пропусти во тековно работење од административна природа и со оглед на тоа, истите беа лесно отстранети во рок пократок од дадениот, што МВР го констатираше при повторниот надзор на 9 септември 2025 година“,
ни одговорија оттаму.
И, додека ја заокружувавме оваа сторија, на веб-страницата на „Супер возач“ осамна ново известување. Велат дека од понеделник почнуваат со спроведување на претходно одложените испити, како и дека лично ќе ги исконтактираат сите кандидати.