Од МЖСПП велат дека, според добиените резултати, просечните концентрации на ПМ 10 честички се во рамките на дозволените граници и не е евидентирано надминување на граничните вредности

Просечните концентрации на ПМ честички во Трубарево се во рамките на дозволените граници, покажува Извештајот од индикативни мерења на квалитетот на воздухот на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Идикативните мерења на суспендирани цврсти честички со големина до 10 микрометри на мерното место во зоната на Трубарево, како што информираат од МЖСПП, се спроведени од вчера наутро во 09:30 часот до денеска во истото време.
Од Министерството велат дека мерењата се извршени со автоматскиот систем AMBICON RTM-PM, нефлометар кој овозможува во реално време следење на концентрациите на честички во воздухот, со селекција на фракцијата ПМ10.
Мерењата покажале дека просечната дневна концентрација на суспендирани честички со големина до 10 микрометри била 10,9 микрограми на кубен метар.
Во информацијата што ја објави Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) се вели дека максимално измерената вредност е 25,6 микрограми на кубен метар.
Од табелата може да се види дека моменталната концентрација е 16,5 микрограми на кубен метар.
„Според добиените резултати, просечните концентрации на ПМ 10 честички се во рамките на дозволените граници и не е евидентирано надминување на граничните вредности“,
се наведува во соопштението од МЖСПП.
Од МЖСПП и вчера рекоа дека податоците од автоматските мерни станици на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип покажале оти квалитетот на воздухот во Трубарево e во рамки на дозволените граници.
Мерењето на квалитетот на воздухот во Трубарево доаѓа откако во саботата се запали фабриката „Ф-групација“ каде што имаше складирано електронски и електричен отпад, а црниот чад што се дигна од пожарот неколку часа можеше да се види од речиси цело Скопје.
По пожарот, од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излегоа со информација дека нема отстапувања од нормалните референтни вредности што би укажале на зрачење, односно, радијација во воздухот во главниот град. И вонредните анализи на земените примероци од вода, покажале дека не е утврдена радиоактивност и нема ниту опасни нивоа на тешки метали во почвата.