Таа посочи дека Клубот на пратенички едногласно ги поддржал измените на Кривичниот законик, со кои фемицидот по првпат се препознава и третира како кривично дело, посочувајќи дека институциите се должни да ги преземат сите мерки за заштита на жртвите и превенција на фемицидот
Остра осуда за зачестените случаи за свирепо насилство врз жени и фемицид денеска изрази Клубот на пратеничките во Собранието. Во реакцијата на неформалното собраниско тело, кое следува по убиството на 31-годишната Росица од Велес, се повикува на доследно почитување на законите, навремена и ефикасна реакција од сите надлежни институции за заштита, спречување и превенција од насилство врз жените.
Ставот на Клубот на пратенички на прес-конференција го пренесе пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ.

Таа посочи дека Клубот на пратенички едногласно ги поддржал измените на Кривичниот законик, со кои фемицидот по првпат се препознава и третира како кривично дело, посочувајќи дека институциите се должни да ги преземат сите мерки за заштита на жртвите и превенција на фемицидот.
„Бараме судските органи да ја имаат во предвид ратификуваната Истанбулска конвенција и одредбите од Кривичниот законик коишто се усогласени со неа. Фемицидот е најтежок облик на насилство врз жените само затоа што се жени. Жените мора да се чувствуваат безбедно и сигурно, а тоа треба да го обезбедат сите институции во државата“,
рече Тренчевска додавајќи дека насилството врз жените мора да биде јавно осудено и санкционирано.
Реакцијата на Клубот на пратенички е една од низата реакции кои ги предизвика убиството на 31-годишната Росица Коцева од Велес што го изврши нејзиниот поранешен партнер.