Од Јавното претпријатие „Комуналец“ информираат дека во соработка со Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Велес и другите надлежни институции се земаат вонредни мостри за анализа, а дополнително се работи на терен за лоцирање и санирање на евентуалниот дефект
Неготинското јавно претпријатие „Комуналец“ информира дека водата во Неготино се забранува за пиење поради присуство на мирис и вкус од непознато потекло.

„Поради проблем со присуство на мирис и вкус од непознато потекло во водата за пиење во делот од уличната мрежа на улиците ‘Индустриска’, ‘Маршал Тито’, ’29 Ноември’, ’11 Октомври’, ‘Никола Петров’, ‘Манчо Малиминов’, ‘Душан Јуруков’, ‘Димче Мирчев’, ‘Гоце Делчев’, ‘Питу Гули’, ‘Васка Калајџиска’ и ‘Антигона’, се забранува да се употребува водата за пиење“,
соопштија од ЈП „Комуналец“ Неготино.
Додаваат дека во соработка со Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Велес и другите надлежни институции се земаат вонредни мостри за анализа, а дополнително се работи на терен за лоцирање и санирање на евентуалниот дефект.
„Замолуваме, доколку некој има какво било сознание кое би ни било од корист, да се обрати во ЈП ‘Комуналец’. Апелираме до граѓаните од овој дел на градот кои варат ракија, водата за пиење да не ја користат за ладење на вулите и да не оставаат црева во резервоарите за ладење, од кои може да дојде создавање вакуум и повлекување на водата во градската мрежа и загадување. За вакви случаи ќе следуваат санкции“,
велат од комуналното претпријатие.