Во ноември 2024 година српскиот парламент го укина мораториумот за изградба на нуклеарни централи што беше во сила од 1989 година, по несреќата во Чернобил. Одлуката е донесена бидејќи се проценува дека потрошувачката на енергија во земјата ќе се зголеми четирикратно до 2050 година

Српските власти и руската државна корпорација „Росатом“ започнаа разговори за проект за изградба на нуклеарна централа во Србија, изјави за „Известија“ српскиот амбасадор во Москва, Момчило Бабиќ. Тој истакна дека може да се очекува напредок во наредните години, пренесоа српските медиуми.
„Сериозно разговараме со ‘Росатом’. Не мислам дека има подобра компанија во светот за изградба на нуклеарна централа. Убеден сум дека ќе има напредок во наредните години, бидејќи ни е потребна електрична енергија. Дефинитивно ќе го направиме тоа“,
рече Бабиќ.
Во ноември 2024 година, српскиот парламент го укина мораториумот за изградба на нуклеарни централи што беше на сила од 1989 година, по несреќата во Чернобил. Одлуката е донесена бидејќи се проценува дека потрошувачката на енергија во земјата ќе се зголеми четирикратно до 2050 година.
Белград во моментов избира партнер за овој стратешки проект, а освен Русија, според руските медиуми, во игра се и Јужна Кореја, Кина и Франција. Во септември оваа година, Владата на Србија потпиша два меморандуми за соработка со јужнокорејската компанија КХНП, додека француската ЕДФ беше ангажирана да спроведе студија за потенцијалот на нуклеарната енергија во земјата.
Според „Известија“, која пренесува изјави на аналитичари, понудата на „Росатом“ се смета за најповолна бидејќи ги опфаќа сите сегменти – од проектирање и изградба, преку снабдување со нуклеарно гориво, до одржување и отстранување на отпад. Како можни опции, како што се вели, се разгледува голема електрана со два реактори VVER-1200 или помали модули од типовите RITM-200 и RITM-400.