Ваквата методологија, како што велат од ресорното министерство, ќе им овозможи на институциите да добијат јасна слика за обемот и структурата на енергетската сиромаштија во земјата и ќе биде основа за креирање мерки за заштита на домаќинствата кои најмногу се соочуваат со тешкотии при обезбедување енергија
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека во земјава се воведува методологија за енергетска сиромаштија, со која ќе се добијат јасни критериуми за препознавање на ранливите домаќинства и понатамошна заштита за овој тип потрошувачи.

„Добивме позитивен одговор од Секретаријатот на Енергетската Заедница за драфт-верзијата на Методологијата за мерење на нивото на енергетска сиромаштија. Во нивниот коментар беше потврдено дека документот е во согласност со европските стандарди и со обврските кои произлегуваат од Директивата (ЕУ). која ги задолжува земјите да воспостават и објават критериуми за утврдување на енергетската сиромаштија“,
информираат од Министерството, додавајќи дека методологијата е прифатена за објава.
Ваквата методологија, која по првпат се воведува во земјава, како што велат од ресорното министерство, ќе им овозможи на институциите да добијат јасна слика за обемот и структурата на енергетската сиромаштија во земјата и ќе биде основа за креирање мерки за заштита на домаќинствата кои најмногу се соочуваат со тешкотии при обезбедување енергија. Дополнително, посочуваат оттаму, ќе придонесе за усогласување со европските стандарди.
Се додава дека Министерството за енергетика веќе работи на подготвување годишна програма за заштита на ранливите потрошувачи, каде што методологијата ќе биде централна алатка за дефинирање на приоритетите.