На крајот на протестот, присутните во колона се движеа по булеварот „Србија“
Граѓани и денеска попладне одржаа протест и го блокираа мостот „Близнаци“ меѓу скопските општини Аеродром и Гази Баба со единствено барање – надлежните да го слушнат нивниот глас и да најдат трајно решение за дивата депонија Вардариште.

„Чист воздух, сега“, „Барате власт, нема кога нè храните со отров“. Ова беа дел од паролите што ги извикуваа насобраните граѓани на раскрсницата меѓу булеварите „Србија“ и АСНОМ, пред мостот „Близнаци“.
Инаку, ова е петтнаесети протест што се одржува на истата локација, откако на крајот на август избувна голем пожар на дивата депонија Вардаришта, по кој воздухот со денови мирисаше на ѓубре и на изгорено.
Присутните на протестот рекоа дека надлежните не покажале слух за нивните барања за почист воздух и не понеле одговорност за штетата по здравјето на луѓето.
Велат дека жителите на општините Аеродром и Гази Баба се трујат со години, а не само од неодамнешните пожари.
„Депонијата која треба да биде затворена функционира, а секоја вечер околу полноќ се чувствува лоша миризба. Бараме од Министерство за животна средина и Град Скопје, општините Гази Баба и Аеродром и инспекторатите да делуваат согласно нивните надлежности“,
велат граѓаните, пренесе ТВ Телма.

На крајот на протестот, присутните во колона се движеа по булеварот „Србија“.
