Во делот на постигнување на политички консензус за обезбедување уставни измени и за отпочнување на преговорите со Европската Унија, Филипче смета дека Собранието треба да биде телото во кое тој процес ќе се одвива
Ние немаме друга иднина освен Европа. Треба да го искористиме искуството на другите земји, како Црна Гора и Албанија и да покажеме визија, но и резултати во преговорите за членство во Европската Унија, рече лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и пратеник во Собранието, Венко Филипче на денешната работилница „Придонесот на Собранието во ЕУ-преговорите“, организирана во рамки на проектот „Поддршка на Европската интеграција на Северна Македонија“.
Како претседавач со Националниот совет за евроинтеграции, посочи дека ова тело треба да биде платформа што ќе се надградува со искуства од други земји.

„Треба да учиме од туѓи грешки, од туѓи искуства и на тој начин да покажеме дека имаме некаква визија, имајќи предвид дека сме компатибилни како земји и со Црна Гора и со Албанија, кои сега се неколку чекори пред нас, поради нивната посветеност што ја покажаа изминатите години, потврдувајќи ја визијата каде сакаат да ја видат својата земја во иднина“,
вели Филипче.
Според него, потребен е политички консензус, особено во спроведување на реформите што произлегуваат од преговарачката рамка.
„Но, барем во делот на спроведување на реформите да покажеме некаков перформанс. Да го искористиме искуството на другите земји за да исчекориме напред и да покажеме некакви резултати. Жалам што во овој момент тоа не се случува со доволна динамика. Се доцни со носење на приоритетните закони од реформската агенда, пред се од Министерството за правда. Меѓутоа, има еден добар, позитивен момент, зашто имавме заеднички и натпартиски консензус во критиката на министерот за правда минатиот состанок од најголемите политички партии“,
кажа тој.
Во делот на постигнување на политички консензус за обезбедување уставни измени и за отпочнување на преговорите со Европската Унија, Филипче смета дека Собранието треба да биде телото во кое тој процес ќе се одвива.
„Нема друга институција во државата во која треба да седнат сите политички чинители и да го постигнат потребниот консензус. Ако и во формалниот дел, самото гласање се одвива таму, нема потреба да бараме други форми, кога тоа треба да биде еден подготвителен процес во самото Собрание“,
рече лидерот на опозицијата и пратеник во Собранието.
Работилницата „Придонесот на Собранието во ЕУ преговорите“ има за цел да ги зајакне капацитетите на Собранието во процесот на Европските интеграции, преку вршење на демократски надзор, поттикнување на инклузивност и градење на политички и општествен консензус околу реформите поврзани со ЕУ.
Целта на проектот во рамки на работилницата, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за услуги и проекти е да ја зајакне институционалната подготвеност на земјата за водење ефективни пристапни преговори и справување со процесот на интеграција во ЕУ.