Според него, пожарот што ноќеска се случи во сервис за возила во населбата Пинтија е само уште еден доказ за тоа што го зборува, односно дека постојат центри кои, како што кажа, се обидуваат да внесат страв и паника кај граѓаните пред избори.
Идентификувани се дваесетина лица за кои постои основано сомневање дека стојат зад пожарите што се случија во последниот период, изјави денеска од Јагуновце премиерот Христијан Мицкоски и ги повтори наводите за центри на моќ кои се обидуваат да внесат страв и паника кај граѓаните пред избори.

„Денеска додека сум јас во Јагуновце заседава врвот на структурите во Министерството за внатрешни работи. Идентификувани се отприлика дваесетина лица за коишто постои основано сомневање дека стојат зад целиот овој процес“,
изјави премиерот одговарајќи на новинарски прашања.
Истовремено, како што додаде тој, имаат и одредени сознанија што биле собрани изминативе денови и по кои Министерството за внатрешни работи заедно со Министерството за животна средина ќе постапуваат во следните денови.
Инаку, Мицкоски ова го изјави прашан за коментар во врска со наводите на опозицискиот СДСМ дека неговите изјави дека зад пожарите стојат центри на моќ од државата и надвор од неа, биле демантирани од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за „360 степени“, емитувано вчера вечер на МРТ 1.
Одговарајќи на прашањето, Мицкоски рече дека не би навлегувал, во како што ја нарече првичната конструкција дека министерот за внатрешни работи го демантирал, за веднаш потоа да се осврне на пожарот во сервис за возила што ноќеска се случи во населбата Пинтија.
Говорејќи за настанот, тој се повика на снимка што ја објавија дел од порталите, а на која се гледа како лице облечено во дуксер со качулка на главата полева возила со некаква течност, по што вивнува пожар. Според објавите на порталите, станува збор за снимка од безбедносни камери која го покажува сторителот и моментот кога е предизвикан пожарот во сервисот за возила.
„Видовте, утрово се појави јасна снимка како се случува подметнување пожар во објект што избувна утрово во 4:30 часот. Бев континуирано на линија и со градоначалникот на Кисела Вода (Орце Ѓорѓиевски) и со министерот и со луѓето од противпожарната единица на Град Скопје. Видовте како дрско се подметнува“,
рече Мицкоски.
Според него, овој пожар е само уште еден доказ за тоа што го зборува, односно дека постојат центри кои, како што кажа, се обидуваат да внесат страв и паника кај граѓаните пред избори.
„И одговорот на прашањето кому тоа му одговара мислам дека со една многу кратка анализа ќе го добиете самите ако ја направите… За жал има структури кои на ваков би рекол начин се обидуваат да внесат нестабилност и немир, но како што кажав, тие ќе конструираат, ќе лешинарат, ќе подметнуваат, а ние чесно ќе работиме, ќе се бориме и на крај повторно ќе победиме“,
рече премиерот.
Од друга страна, опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска преку соопштение, а потоа и преку прес-конференција на портпаролката Богданка Кузеска, реагираа дека изминатите неколку месеци јавноста е сведок на многубројни манипулативни изјави на премиерот Христијан Мицкоски.
„Почнувајќи од последната изјава, дека странски центри на моќ и хибридни напади стојат зад пожарите во Македонија која сериозно ги загрижи граѓаните и ја потресе безбедноста во земјата. Наместо докази, издржани информации и активирање на сите безбедносни инструменти демантот стигна токму од неговиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски. Во интервју за „360 степени“ Тошковски го демантираше Мицкоски и призна дека нема осомничени за хибридни напади, нема центри на моќ кои стојат зад пожарот во Трубарево или зад било кој друг пожар. Ова признание е директен удар врз кредибилитетот и точноста на изјавите на Мицкоски. Сега јавноста знае дека премиерот ја злоупотребил безбедносната состојба и институциите за да ја покрие својата неспособност за справување со пожарите“,
рече Кузеска.

Но, како што наведе таа, тоа не била единствената изјава на премиерот која била демантирани или времето ја потврдило дека е класична манипулација.
„Мицкоски во август минатата година изјави дека има индиции за сценарио за дестабилизација на државата. Никогаш не објави докази и нормално ништо не се случи. Во октомври исто така минатата година Мицкоски од собраниската говорница обвини дека го следеле со дронови. Никогаш не се објавија докази и помпезно најавениот случај пропадна. Пред само две недели Мицкоски изјави дека има информации дека бил следен и прислушуван. И ова се потврди дека нема никаква врска со реалноста и оваа афера на власта пукна како меур од сапуница. Сите овие изјави на Мицкоски, сите овие примери се покажа дека се празни зборови со кои се манипулира јавноста, граѓаните. Ништо повеќе“,
рече портпаролката на СДСМ.
Поради ова, како што кажа таа, премиерот треба да понесе одговорност бидејќи со своите зборови може да предизвика страв, паника или да влијае врз стабилноста на државата.
„Крајно неодговорно е премиер да си дозволи да изнесува тврдења без факти и без докази, со единствена цел да си ја спасува сопствената политичка кожа. Оваа влада и овој премиер не се само неспособни, тие се опасност. Опасност за животот и здравјето на граѓаните, опасност за институциите што ги сведуваат на нула и опасност за државата во целина“,
рече Кузеска.