Лицата со нерешено станбено прашање, односно оние кои немаат живеалиште на свое име, ќе може да добијат станбен кредит со учество од 10 отсто од вкупната вредност на објектот. За сите останати, минималното учество се зголемува од постојните 15 на 25 проценти
Народната банка на Македонија донесе мерки со кои се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште – стан или куќа – за сопствено живеење. Сите лица со нерешено станбено прашање, односно оние кои немаат живеалиште на свое име ќе може да добијат станбен кредит со учество од 10 отсто од вкупната вредност на објектот. За сите останати, минималното учество се зголемува од постојните 15 на 25 проценти.

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на денешната прес-конференција информира дека мерките ќе стапат во сила од 1 декември годинава и оти пред сè се насочени кон млади лица и брачни парови.
„Со новата одлука се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште, односно стан или куќа наменети за сопствено живеење. Но, имајќи ги предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, што водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации, се врши и затегнување на условите за користење кредит за станбен објект којшто не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите“,
посочи Славески.
Лицата за кои ќе важи олеснетото кредитирање ќе треба да исполнат одредени критериуми, а согласно одлуката на НБ се воспоставуваат соодветни механизми за проверка и следење.
„Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, кои изнесуваат 55 отсто за изложеноста во денари и 50 отсто за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50 отсто за изложеноста во денари и 45 отсто за изложеноста со валутна компонента“,
додава гувернерот на Народната банка.
Славески посочи дека мерките имаат превентивен карактер за заштита од прекумерна задолженост, што, како што рече, понатаму може да се одрази на способноста за редовно отплаќање на обврските и на вкупната стабилност на финансискиот систем.