Во однос на причините за пожарот и евентуално одговорните, министерот за внатрешни работи изјави оти во оваа фаза не би сакал да споделува детали и оти досега приведените четири лица имаат сопственичка, управителска и менаџерска функција и дека се осомничени за незаконитости од аспект на чување, складирање и одредени права и обврски кои правното лице ги има согласно закон и лиценцата за менаџирање со ваков тип отпад

Доколку сакате да се лажеме дека која било влада и кои било луѓе коишто ќе бидат ставени да менаџираат одредени ресори после 35-годишно уништување на системот, за 15 месеци ќе го воскреснат, мислам дека е малку, не малку, туку малку повеќе нереално – вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, прашан зошто од Владата слушаме изјави дека дозволата за објектот за електронски отпад во Трубарево, кој изгоре во саботата, била издадена од претходната влада кога актуелната влада, во март, по пожарот во Кочани, соопшти дека одлучила „да се изврши контрола на сите издадени лиценци од страна на сите министерства и сите институции кои издаваат лиценци од кој било тип“.
„Пак ќе повторам, сулудо е ние да веруваме дека за 15 месеци во оваа држава ќе живееме во мир, ренесанса и со, како да кажам, европски параметри ќе ги уживаме правата и слободите на Европската Унија. Тоа е сулудо. 35 години е уништувана државава во сите сегменти и во сите параметри. Позната изрека имам една, којашто ја користам, таа не е моја, таа изрека е на претпоставувам дека многу постари и поумни луѓе од мене – каде и да копнеш е труло. И сега вие ако очекувате дека ние за 15 месеци сето тоа ќе го разрешиме и сѐ ќе ставиме да биде во ред, тоа навистина, се извинувам, малце е невозможно“,
рече Тошковски.
Дополнително, вели дека по Кочани неспорно е оти се одземени голем број лиценци поврзани со угостителски објекти, но и лиценци поврзани со градежните фирми и оти институциите треба да бидат максимално фокусирани.
Во однос на причините за пожарот и евентуално одговорните, министерот Тошковски изјави оти во оваа фаза не би сакал да споделува детали и оти досега приведените четири лица имаат сопственичка, управителска и менаџерска функција и дека се осомничени за незаконитости од аспект на чување, складирање и одредени права и обврски кои правното лице ги има согласно закон и лиценцата за менаџирање со ваков тип отпад.