Во врска со акцијата на полските вооружени сили во објава на Икс се огласи и полскиот премиер Доналд Туск. Тој ги информира граѓаните дека е извршена операција поврзана со повеќекратни нарушувања на воздушниот простор на Полска, а за ситуацијата, како што рече, го известил и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте
Полска собори неколку беспилотни летала над својата територија, кои, како што наведуваат официјални лица во земјата, го нарушиле нејзиниот воздушен простор за време на еден од руските воздушни напади врз Украина.

Оперативната команда на вооружените сили на Полска соопшти дека за време на рускиот напад полскиот воздушен простор бил постојано нарушен од руски беспилотни летала, велејќи дека се работи за чин на агресија и реална закана по безбедноста на полскиот народ.
„По наредба на оперативниот командант на полските вооружени сили, веднаш беа започнати одбранбени процедури. Полските и сојузничките авиони следеа неколку објекти со радар, земајќи ги предвид оние што би можеле да претставуваат закана. Оперативниот командант одлучи да ги неутрализира. Некои од беспилотните летала што навлегоа во нашиот воздушен простор беа соборени“,
соопшти рано утринава Оперативната команда на вооружените сили на Полска.
Оттаму ги повикаа граѓаните да останат дома, особено ако се во областите Подласки, Мазовјецки и Лублински, кои се најризични. Дополнително апелираат доколку граѓаните најдат соборени дронови или нивни остатоци да не се приближуваат до нив, да ги допираат или поместуваат од местото.
Во врска со акцијата на полските вооружени сили во објава на Икс се огласи и полскиот премиер Доналд Туск. Тој ги информира граѓаните дека е извршена операција поврзана со повеќекратни нарушувања на воздушниот простор на Полска. За ситуацијата го известил и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Инаку, Полска е во состојба на зголемена готовност во однос на објекти што влегуваат во нејзиниот воздушен простор откако залутан украински проектил погоди село во јужна Полска во 2022 година, при што загинаа две лица, неколку месеци откако Русија ја започна инвазијата.