„Одговорно тврдам дека тој како лидер на тогашна опозициска партија во периодот од 2019 -2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки“, напиша Димовски во објавата на Фејсбук како одговор на наводите за злоупотреби во АНБ
Димовски упати повик до актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски, веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено оние кои се однесуваат на тогашниот лидер на опозицијата и актуелен премиер, Христијан Мицкоски
Како што најави вчера, поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, утрово излезе со одговор на наводите за злоупотреби во Агенцијата што биле правени во периодот додека и тој раководел со службата, а се однесуваат на следење и прислушување на тогашниот лидер на опозицијата, а сега актуелен премиер Христијан Мицкоски, бизнисмени и новинари.
Одговорот Димовски го објави на својот фејсбук-профил.

Во него, тој уште во вториот пасус, без да наведува имиња, вели дека во периодот додека тој бил на чело на АНБ, лидер на тогашна опозициска партија не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, ниту, пак, врз него биле применувани какви било оперативно-технички мерки.
Ваквите тврдења на ексдиректорот на АНБ се во спротивност на оние што вчера ги изнесе премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека и Агенцијата за разузнавање (АР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) „се занимавале“ со него, односно бил прислушуван додека бил во опозиција, а цел на оперативна обработка биле и новинари и бизнисмени.
Актуелниот директор на Агенцијата задолжена за безбедноста на државата и контраразузнавањето, Бојан Христовски, не даде повеќе информации за предметот што го иницирале бидејќи, како што кажа, документите се класифицирани со висок степен на тајност, но рече дека и тоа како имаат индиции оти еден поранешен директор и помала група вработени во институцијата ја злоупотребиле својата службена положба и дека за тоа е известено надлежното Јавно обвинителство.
Димовски, во одговорот денеска ваквите наводи на премиерот и актуелниот директор на АНБ ги оцени како сериозни обвинувања за наводна злоупотреба на државни ресурси за прислушување на поранешниот лидер на опозицијата (сега премиер), бизнисмени и новинари.
„Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ бил споменат периодот од 2019 до 2024 година, во дел од кој и јас ја извршував должноста директор на АНБ, одговорно тврдам дека тој како лидер на тогашна опозициска партија во периодот од 2019 -2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки“,
вели Димовски.
Од друга страна, ексдиректорот на АНБ потврдува дел од наводите објавени минатата недела, а кои се однесуваат на постапка за добивање безбедносен сертификат за еден пратеник на тогашната опозиција, кој според наодите на актуелното раководство на службата било намерно одолговлекувано.
„Точно е дека во наведениот период согласно законските надлежности во Агенцијата имаше постапка за преиспитување на проверките за безбедносни сертификати, вклучително и за еден тогашен и сегашен пратеник поради оддавање на класифицирана информација, а за што му беше поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство. Во врска со тоа, на мое барање на дневен ред на надлежната собраниска Комисија за надзор на работата на АР и АНБ беше ставена точката за информирање за случајот и изнесените наводи во електронските медиуми од негова страна“,
вели Димовски.
Поради сериозноста на изнесените наводи од премиерот и актуелниот директор на АНБ, Димовски го повикува Христовски веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено оние што се однесуваат на тогашниот лидер на опозицијата и актуелен премиер, Христијан Мицкоски.
„Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања“,
вели ексдиректорот на АНБ.
На крајот Димовски вели оти во случајов нема криења од типот класифицирани информации со степен државна тајна, посебно по последните неколку објави во некои, како што ги нарекува, информирани медиуми, кои лиферуваат конкретни имиња на лица што наводно биле таргет на Агенцијата, вклучително и податоци за идентитетот на вработени и тајни соработници.
Димовски беше првиот директор на АНБ, која беше основана по реформите на безбедносниот систем на државата. Тој со Агенцијата раководеше од нејзиното основање во 2019 г. до 2022 година, кога на негово место дојде Зарко Милошевски.
Наводите, на кои Димовски денеска одговара во објавата на Фејсбук, дојдоа откако во петокот беше објавено дека Агенцијата за национална безбедност доставила три известувања до Јавното обвинителство за еден поранешен директор и група вработени во АНБ поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување.
Нив вчеравечер, одговарајќи на новинарски прашања на одбележувањето на годишнината од основањето на АНБ, ги потврдија премиерот Христијан Мицкоски и актуелниот директор на Агенцијата, Бојан Христовски.

И Мицкоски и Христовски не сакаа да навлегуваат во детали бидејќи, како што рекоа, станува збор за документи кои се класифицирани како државна тајна, но и двајцата изразија очекување дека случајот ќе добие правна разрешница, а одговорните ќе бидат казнети.
„Двете агенции – и Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, темелно се занимавале со, во тоа време, претседателот на најголемата опозициска партија, т.е. со мене, меѓу другото и со новинари и со бизнисмени новинари. Така што, еве да оставиме време периодов процесот да тече, да видиме Обвинителството што ќе каже, судиите, нормално, во еден судски процес“,
рече премиерот.
Тој додаде оти очекува овие, како што ги нарече, глодари да завршат онаму каде што им е местото – зад решетки и еднаш засекогаш да се стави крај на злоупотребата на ваквиот тип агенции и ресурсите со кои тие располагаат.
Директорот на АНБ, Христовски, кажа дека Агенцијата во 2019 г. не била реформирана институција, туку повеќе станувало збор за фасада.
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), до кое АНБ ги доставило известувањата, вчера во одговор на новинарски прашања излегоа со став дека во моментов се води предистражна постапка и поради нејзината тајност не можат да споделат повеќе детали.
Во врска со наводите за злоупотреби во Агенцијата за разузнавање и АНБ денеска реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде го обвинија својот политички опонент СДСМ дека прислушувањата се случувале во нивно време и по нивен налог.
„Очигледно во тој период имало обид за политичка дискредититација, која времето покажа дека не им успеа на СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.