Од партијата ја прашаа ВМРО-ДПМНЕ зошто додека биле во коалиција на локално ниво, а до вчера и на централно ниво, немаа ниту една забелешка кон Алијанса за Албанците и Арбен Таравари. „Сега, откако им ги расипавме мрачните планови против Албанците во Северна Македонија, мизерно се обидуваат да плетат лаги и басни“, додаваат од партијата
„Вистината зошто излегоа од Владата не се крие во грижата на Таравари за Албанците, ниту, пак, во борбата за некакво подобрување на нивните права. Вистината е многу едноставна и болна. Членовите и заинтересираните за вистината, одговорите нека ги побараат во една инвестиција на Таравари што се вика ‘Ѓока’“, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ

Kрилото на Арбен Таравари од Алијанса за Албанците денеска реагираше по вчерашното соопштение на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во кое го повикаа организацискиот секретар на Алијанса за Албанците, Гадаф Узаири да признае дека Таравари, како што велат, на еден состанок јавно изјавил дека во политиката е само за профит и дека не му е гајле што Гостивар се дави во ѓубре.
Од Алијанса за Албанците велат дека редовните клевети што им ги сервирал „белиот дворец“ се само очајнички обиди да се пренасочи вниманието на јавноста од нивните постојани неуспеси.
Ја прашаа ВМРО-ДПМНЕ зошто додека биле во коалиција на локално ниво, а до вчера и на централно, немаа ниту една забелешка кон Алијанса за Албанците и Арбен Таравари.
„Сега, откако им ги расипавме мрачните планови против Албанците во Северна Македонија, мизерно се обидуваат да плетат лаги и басни. Ги потсетуваме ВМРО-ДПМНЕ на масовната корупција што ја имаа во времето на Груевски и сè уште со гордост држат околу себе корумпирани функционери со кривични дела. Заедно со неговиот експеримент ВЛЕН обвинуваат за еден паркинг кој никогаш не беше изграден и не изнесоа ниту еден факт за злоупотреба, додека и денес нивните рушевини од корупција стојат во Вардар, во центарот на Скопје, и не можат да се измијат ниту со водите на реката, ниту со езеро, ниту со кој било океан“,
се вели во соопштението.
Од партијата го повикаа премиерот Христијан Мицкоски, како што велат, да ги прекине врските со Москва, Будимпешта и Белград и да престане да биде промотор на „српскиот свет“. Додаваат дека Албанците никогаш нема да дозволат Северна Македонија да се претвори во непријател на Европската Унија, НАТО и Соединетите Американски Држави.
По соопштението од Алијанса за Албанците, реагираше владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека Алијанса за Албанците на Арбен Таравари треба да научи дека, кога неосновано критикуваат и измислуваат, притоа ставаат зборови во уста кои не биле кажани од премиерот Мицкоски, ќе добијат аргументиран и издржан одговор.
„А вистината зошто излегоа од Владата не се крие во грижата на Таравари за Албанците, ниту, пак, во борбата за некакво подобрување на нивните права. Вистината е многу едноставна и болна. Членовите и заинтересираните за вистината одговорите нека ги побараат во една инвестиција на Таравари што се вика ‘Ѓока’. Какви обврски преземал и какви услови прифатил. Тоа не е наш проблем. Оставаме сами да си го решат“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.