Тој додаде дека немало ревизија за Самитот на ОБСЕ, туку за спортскиот центар „Борис Трајковски“, во врска со тоа како тие ја прифатиле опремата

Обвинувањата на ВЛЕН се резултат на паника поради анкетите што покажуваат дека разликата меѓу мене и противкандидатот од нивните редови, Изет Меџити, се 10 отсто, вели кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, кој е предложен од редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ).
„Тие ги имаат добиено анкетите во кои јасно се гледа дека разликата меѓу мене и мојот противкандидат е 10 отсто, и сега се во паника и се обидуваат да отвораат прашања за кои граѓаните вообичаено нив ги обвинуваат – дека се корумпирани и дека 20 години на најкоруптивен начин ја воделе општината“,
вели Османи.
Реакцијата на Османи доаѓа откако денеска од коалицијата ВЛЕН побараа Јавното обвинителство да отвори случај откако, како што велат, ревизорите утврдиле дека над 120 милиони денари се потрошени за организација на Самитот на ОБСЕ во Скопје без соодветна документација, без евиденција за испорачаните стоки и услуги и без трајна опрема која требало да остане во државна сопственост.
Османи, во одговор на новинарско прашање при неговата денешна посета на Чаир, рече дека обвинувањата, кои се однесуваат на неговиот мандат како министер, веќе се испитани од надлежните институции.
„Јас лично ја доставив целата документација во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и во Обвинителството. ДКСК, по неколку недели, излезе со писмена констатација дека нема никакви неправилности. И Јавното обвинителство потврди дека нема неправилности“,
рече Османи.
Тој додаде дека немало ревизија за Самитот на ОБСЕ, туку за спортскиот центар „Борис Трајковски“, во врска со тоа како тие ја прифатиле опремата.
Османи смета дека обвинувањата се измислени кои се водат поради паника.
Нагласи дека неговиот најголем политички капитал е неговиот интегритет.
„Ако има нешто по кое јас се разликувам, тоа е фактот дека никој, во целата моја политичка кариера, не може да ме обвини за корупција. Тоа е мојот најголем капитал во политиката, политичкиот интегритет и човечкиот кредибилитет“,
додаде Османи.
ВЛЕН денеска преку соопштение обвини дека тоа што обвинителството и судството сѐ уште не презеле никакви мерки, еден месец по објавувањето на негативниот извештај на Државниот завод за ревизија за трошењата во Министерството за надворешни работи во времето кога министер беше Бујар Османи, отвора сериозни сомнежи за нетранспарентност и злоупотреби на јавни средства.
Оттаму рекоа дека Јавното обвинителство има законска обврска да отвори случај по негативен извештај на Државниот завод за ревизија и доколку не се направи, тоа ќе биде втор пат како институциите свесно го амнестираат Бујар Османи за исти сомнежи и злоупотреби.
Од Јавното обвинителство велат дека во однос на извештајот за Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во 2023 година, тој е доставен до обвинителството и во јуни 2025 година е испратен на надлежно постапување во ОЈО Скопје.
„Оформен е предмет и се преземаат дејствија за проверка на наводите. Доколку тие наводи се дел од тој извештај, и тие ќе бидат проверени“,
велат од Обвинителството.